Судскиот совет проверува шест до седум предмети по анонимна претставка од Апелација, додека во последниот извештај на невладината организација „Транспаренси“ се проблематизира имотната состојба на судијата – од пријавени долгови и скромен имот, до 350.000 евра пронајдени соѕидани во ѕид
По аферата со 350.000 евра пронајдени соѕидани во ѕид во семејната куќа во Неготино и кривичната пријава за противправно стекнување и прикривање имот и перење пари, случајот со апелациониот судија, Ѓоко Ристов, добива нова, поширока институционална димензија – Судскиот совет веќе почнал со контрола на предметите во кои тој постапувал, а невладината „Транспаренси“ го вброи во првите „матни настани“ за јануари 2026 година.
Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, изјави дека Советот веќе разгледува шест или седум предмети поврзани со работата на Ристов, по претставка која, според него, била заведена како анонимна.
– Судскиот совет, во рамките на планот на својата работа, ќе има проверки во Апелациониот суд не само за конкретниот судија што го споменавте туку и за работата на сите судии. Беше извршена контрола на некои од предметите во кои постапувал судијата што го споменавте, но во моментот немам податоци да ви изнесам во смисла дали е детектиран некој пропуст или не бидејќи комисијата сè уште ги разгледува предметите – рече Камбовски по конференцијата „Јакнење на ефикасноста и независноста на судството во Македонија“.
Камбовски посочи дека извештајот од комисијата што ги проверува предметите се очекува да биде готов неделава, а најави и дека, најбрзо што може, ќе се проверува целокупната работа на Апелацискиот суд Скопје.
Во исто време, извештајот на „Транспаренси“ за „матните настани“ во јануари отвора дополнителни прашања за тоа како изгледала официјалната слика за имотот на судијата во моментот кога бил унапреден во Апелација. Во документот се наведува дека Ристов, во февруари 2020 година, пријавил стан од 70 квадрати во Скопје, возило „фолксваген пасат“ старо околу десет години и кредит од 1,5 милион денари со рок на отплата до 2038 година – профил кој, на хартија, остава впечаток на скромна имотна состојба.
Но, токму таа формална слика, според „Транспаренси“, се урнала по истрагата на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција, иницирана на 14 декември, кога најнапред беше осомничен адвокатот Фехми Стафа – поранешен државен правобранител – за примање награда за противзаконито влијание. Според наводите, Стафа бил осомничен дека примил 50.000 евра, а барал 100.000 евра, за да интервенира кај судија во Апелациониот суд – Скопје за укинување на мерката притвор за Љупчо Пецов-Ѓаволот во време кога тој беше во бегство и против кој ОЈО ГОКК води друга постапка за кривични дела против јавните финансии, платниот промет и стопанството. (П. А.)












