Се ближи крајот на војната во Украина или Путин пак купува време?

468

Русија и САД договорија нивните претседатели Владимир Путин и Доналд Трамп да се сретнат во следните денови, објавија руските државни медиуми. Денеска и од Белата куќа потврдија дека Трамп и Путин би можеле да се сретнат и тоа уште следната недела, по што би се одржала трилатерална средба со учество и на украинскиот претседател Володимир Зеленски. Според Трамп постојат добри шанси за средба Путин-Зеленски во скоро време. Овие најави дојдоа ден по посетата на специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф на Москва и ден пред истекот на американскиот ултиматум за Русија – прекин на огнот или санкции.

Дали тоа е само повторно купување време од страна на Путин, како што самиот Трамп призна во еден момент? Ова прашање се поставува во анализата на Си-ен-ен со потсетување дека уште од почетокот на мандатот Трамп повторува дека голем напредок е веднаш зад аголот, иако за време на кампањата вети дека ќе ја заврши војната во првите 24 часа. Тој не го исполни своето ветување да го заврши конфликтот речиси 200 дена подоцна.

-Мислам дека ние во Вашингтон често потценуваме колку длабоко е вклучен Кремљ во оваа војна. Легитимитетот и опстанокот на целиот режим на Путин зависи не само од прекинувањето на војната под руски услови, туку и од нејзиното продолжување – целата економија е подредена на војната, рече Дејвид Салво, експерт за Русија, директор во Алијансата за обезбедување демократија во Германскиот Маршалов фонд и поранешен службеник во Стејт департментот, додавајќи дека не гледа никакво движење што би можело да ја смени пресметката на Кремљ.

Трилатералниот состанок со Путин и Зеленски што го предлага Трамп, сепак, би бил најзначајниот дипломатски момент од почетокот на руската инвазија, но Кремљ досега не потврди можност за средба и со Зеленски. Советникот на Путин, Јуриј Ушаков, по средбата со Виткоф изјави дека тој ја споменал идејата за трилатерален состанок, но дека Москва не одговорила на тој предлог.

Високите влогови од претседателската средба би можеле да извршат притисок врз Путин да понуди барем нешто што Трамп би можел да го прикаже како победа, како што е договор за прекин на воздушните напади врз цивилите. Но, целосното прекинување на огнот и мировниот договор би можеле да траат со месеци. Покрај тоа, руските ветувања за прекин на огнот честопати не се остваруваа, наведува Си-ен-ен.

Трамп сега ја менува стратегијата, па наместо со ласкање го приморува Путин на преговори со закани – високи царини за Индија која е најголем купувач на руска нафта. Во тој контекст ретка нота на оптимизам пристигна и од Украина.

-Се чини дека Русија сега е посклона кон прекин на огнот – притисокот дава резултати, рече Зеленски во своето вечерно обраќање.

Но, Путин можеби сè уште ја игра истата стара игра. Можно е повторно да го завлекува Трамп по средбата со Виткоф. По тој состанок Трамп и самиот призна дека не знае што планира Путин. Во моментов шансите за поширок прекин на огнот се мали, зашто Москва е на работ на големи продори во летната офанзива. Зеленски, пак, предупредува: Клучно е да се осигураме да не измамат никого во деталите – ни нас, ни САД.

ИЗДВОЕНИ