Општина Центар бара лични асистенти за учениците со посебни образовни потреби во проектот „Образование за сите“.
За таа цел распиша јавен повик, според кој на него можат да аплицираат лица со минимум завршено средно образование, кои имале претходно искуство за работа со деца со посебни образовни потреби, долгорочно невработени лица (преку 12 месеци во евиденција, со предност на невработени лица повеќе од пет години), млади лица до 29 години, лица постари од 50 години, самохрани родители, како и родители на деца со попреченост.
Предност ќе имаат кандидатите што имаат завршено високо образование: дипломиран наставник по предметна/одделенска настава, дипломиран психолог, дипломиран педагог, дипломиран дефектолог или дипломиран социјален работник, што имаат искуство со работа како лични/образовни асистенти во претходните циклуси на проекти и што поседуваат лиценца за личен асистент на лица со попреченост издадена од овластена институција.
Јавниот повик ќе трае пет работни дена од денот на неговото објавување. Тој е достапен на веб-страницата на Општина Центар и на огласните табли на општинските основни училишта на територија на Општината.
Заинтересираните лица што ќе бидат вклучени во проектот „Образование за сите“ и ќе бидат работно ангажирани како лични асистенти на ученици со посебни образовни потреби, вклучени во образовниот процес во основните училишта на територија на Општина Центар – Скопје, во учебната 2025/2026 година, ќе имаат скратено работно време од 20 работни часа неделно, во период од осум месеци, почнувајќи од октомври 2025 година до крајот на учебната 2025/2026 година.
За кандидатите што ќе бидат избрани и вклучени во проектот „Образование за сите“ се предвидува паричен надоместок во висина од 15.000 денари (нето-износ), со вклучен данок на личен доход и осигурување за инвалидност и телесно оштетување предизвикано од повреда на работа и професионална болест.