Се бара доживотен затвор за Палевски и компањоните, кај нив нема ниту каење ниту жалење

Уште две рочишта и пресуда за грозоморните убиства на Вања и Панче

1727

Судијата Ивица Стефановски закажа уште две рочишта за завршен збор на обвинетите. Ги предупреди да бидат подготвени со цел пресудата да биде објавена пред летните одмори. Обвинителството побара од судот на обвинетите за киднапирање и убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски да им пресуди доживотна казна затвор. Колку и да е трагична неговата судбина, сепак обвинителството побара казна и за таткото на девојчето, обвинетиот за помагање, Александар Ѓорчевски

Уште две рочишта на кои обвинетите треба да го кажат својот завршен збор пред судечкиот совет и јавноста и судијата Ивица Стефановски ќе ја донесе пресудата за можеби најсвирепото убиство кое предизвика колективна траума и страв кај македонските граѓани. Првообвинетиот, Љупчо Палевски, повторно седи во првиот ред во големата судница на Кривичниот суд, пред него уредно стојат списите од предметот. Преку тројца седи неговиот партнер во злосторството, Велибор Манев, кој хируршки ги опиша кривичните дела за кои се товари четворката од партијата Десна, киднапирање и убиство со умисла на двајца невини луѓе. Зади нив седи обвинетиот Боре Видевски, кој негираше вина и опиша алиби за кое обвинителството рече дека е несериозно и недокажливо. Неговиот пиштол чиј калибар одговара на убиствениот куршум на Жежовски чудно исчезнува од неговото домашно оружје и натаму е мистерија за обвинителството. Ред зад него седи таткото на Вања, обвинет без конкретен доказ дека им кажал на обвинетите дека кобното утро таа ќе оди сама во училиште без сестрата Миња. Сепак, обвинителството е убедено во наводите кои ги напишале во обвинението против него, бараме казна без разлика колку е тажна неговата судбина, рекоа двете обвинителки во завршниот збор. Во последниот ред седи помошникот на Палевски, обвинетиот Влатко Кешишев, во текот на целиот судски процес на неговото лице не се забележува никаква експресија, често го прашува својот бранител да му објасни какво значење имаат зборовите на говорниците во судницата. Обвинителката Ана Стојковиќ посочи дека никој од четворицата извршители во текот на овој судски процес не изразил ниту каење ниту жалење за грозоморните убиства. За нив побара доживотна казна затвор бидејќи предизвикаа катастрофална животна траума од висок степен. Побара од судот кога ќе ги мери казните да го цени начинот на убиствата.

Можеме да претпоставиме колку било уплашено детето кога го врзале и ставиле во гепек носејќи го кон патот на непознатото. Што сè не ѝ поминувало во главата. Зборувала со киднаперите со последна надеж дека ќе преживее, и тогаш ја застрелува со еден куршум. Овде не смее да има олеснителни околности за обвинетите, нивните олеснителни се отежителни, токму тоа што биле семејни луѓе, родители, во зрели години не требало ни да помислат на такво нешто. Уште повеќе што јавноста, која доживеа колективна траума во текот на судењето, ја убедија во нивната бескрупулозност“, рече обвинителката во завршниот збор.

На прашањето зошто е убиена Вања, обвинителките објаснија дека сторителот одговара за убиство на дете и законодавецот не бара чист мотив. Нема законски  пречки обвинетите да бидат осудени, мотивот не е услов, рече обвинителката Стојковиќ која смета дека ги докажале убиствата преку бројните материјални и вербални докази.

Обвинетите немаат ниту жалење ниту каење за делата

Обвинителството се осврна на секој од обвинетите посебно и за делото што го докажале во текот на судењето. За Велибор Манев, обвинителката Стојковиќ рече дека креирал теорија со која мисли дека ќе си ја намали одговорноста. Но, Манев наместо да му се спротивстави на Палевски и да пријави во полиција по убиството на Панче, тој тргнува во нов поход, се согласува сè додека му се ветуваат пари. Купува средства за чистење на трагите, селотејп, врвки и лопати. Комуницира со првообвинетиот додека е во бегство. Теоријата на Боре Видевски дека полицијата му го изнудила исказот со тепање е несериозна, рече обвинителката. Немаше време да измисли приказна кога изненадно го уапсија, па тоа го стори на судење, заклучи таа.

На Кешишев не му се намалува одговорноста иако тврди дека не бил соизвршител туку дека само ги возел останатите. Сепак го знаел планот, копал дупка, видел слика од детето, купувал бензин за палење на возилото, чувал стража, не се изненадил од убиството и продолжил да придонесува во кривичните дела. Ѝ открива на полицијата не од што се кае за стореното, туку со мисла дека помалку ќе одговара, рече Стојковиќ. Обвинителството не се откажа од гонење на Александар Ѓорчевски, иако слабо стои со доказите против него, сепак се убедени дека тој им ја дала клучната информација на киднаперите, дека Вања ќе оди сама во понеделник во училиште. Обвинителките не го прифаќаат сведочењето на Гоце Трајковски, прашаа како може да знае за запалениот „цитроен“ на Панче и лесно да го поврзе со киднапирањето на детето. И на крај, обвинителката зборуваше за Љупчо Палевски, човекот кој користел 4 телефони и комуницирал само преку интернет. Главниот креатор на дејствата, го портретира Стојковиќ. Го испланирал секој детаљ, алиби за секоја ситуација од ризик. За убиството на Вања, параван му е банката, каде плаќал веќе платена кирија за месец ноември, иако партиската сметка била со салдо од триста денари. На 27 ноември, денот на убиството на девојчето, не носел мобилен телефон па затоа и не кревал на повиците. Додека обвинителката му го секцираше планот на убиствата, Палевски во судницата превртуваше со очите, се потсмеваше и вртеше со главата. Таа кажа дека од швајцарска сметка, првообвинетиот за финансиско покривање на бегството извадил 4000 евра. Не само што темелно се подготвувал туку и ги прикривал трагите.

„Дрскоста на делата, среде бел ден, во центарот на градот, на место каде има  камери, ја дава пораката дека се планирало совршено злосторство. Доказите ги палат во „цитроенот“, а потоа нормално пијат кафе и се одржуваат поткасти. Двете убиства се смислени и извршени на свиреп начин и затоа бараме максимална казна“ рече обвинителката.

Семејствата на жртвите побараа оштета, мајката на Вања напишала потресно писмо

 Ќерките на убиениот Панче Жежовски кои присуствуваа на судењето, побараа отштета од обвинетите за изгубениот татко. Мајката на Вања Ѓорчевска, Зорица, не дојде во судот да даде завршен збор, поради нејзината психичка состојба, пренесе нејзината адвокатка. Испратила писмо со барање да се прочита, но судијата Ивица Стефановски не дозволи да биде дочитано од причина што напишаното не било поврзано со барањето отштета од обвинетите. Ѓорчевска во писмото пишува дека се обраќа не само како мајка, туку како човек кој скоро една година додека трае судењето живее во болка, слушајќи од медиумите за сите теории на обвинетите.

„За жал, еден факт останува непобитен, Вања ја нема, ја киднапирале и ја убиле на најбрутален начин, детето мое. Им велев на ќерките дека вакви работи во нашата земја не се случуваат, далеку се, но ми се случи токму мене, на моето најмило, и ниеден родител не смее да го доживее тоа што го преживувам јас. Да го испратам детето во училиште и по една недела да го најдам во мртовечки сандак. Вања не е број на жртва, таа беше полна со живот и со планови. Имаше 14 години и се правеше планови за полуматура. Вања сакаше да гледа стари филмови и ги знаеше знамињата и главните градови на сите држави. Сакаше историја. Со музика одеше на училиште и тоа утро, на 27,  стана,  си ја пушти омилената песна и си потпевнуваше.

Ја испратив со зборовите ’се слушаме мама подоцна’ не знаејќи дека ѝ го слушам гласот и ја гледам за последен пат. Вања не ги искуси животните предизвици“, додека адвокатката го читаше писмото од Зорица, нејзиниот сопруг бесшумно плачеше.

Судијата на 18 и 20 месецов закажа уште рочишта за завршен збор на обвинетите. Ги предупреди да бидат подготвени со цел пресудата да биде објавена пред летните одмори. (П.А.)

ИЗДВОЕНИ