Барање за оставка од актуелниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, и тврдењата дека тој успешно ја извршува функција денеска разменија опозицискиот СДСМ и владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ. До ова дојде откако Клековски викендов, во интервју рече дека „не можеме да очекуваме да имаме здравство и современи лекови како во Шведска со здравствен придонес од десетина долари месечно“.
Најголемата опозициска партија, на прес-конференција, обвини дека за само единаесет месеци, ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ го турнале ФЗО во бездна.
– Болниците не функционираат, Фондот е празен, а системот е на колена. Во Кочани нема ниту завои, ниту инфузии, ниту лекови. Луѓе легнуваат по ходници, се чека со месеци за терапија, а владините партнери уште не може да се договорат кој ќе биде министер откако им пропаднаа зделките во здравството. Наместо да ги расчисти криминалните тендери, да обезбедат лекови во болниците, да обезбеди вработувања и услови, Владата најавува зголемување на придонесите. Тоа значи: повеќе ќе ви земаат, а помалку ќе добиете. Сашо Клековски, директорот на Фондот, отворено зборува дека тоа е следниот чекор. Зголемување на давачките. Нов товар за секој работник, секое семејство, секој стопанственик – рече Симона Цветаноски, членка на Извршниот одбор на СДСМ, додавајќи дека бараат оставка од Клековски.
На ова од ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека СДСМ дека мизерно лаже и ја манипулира јавноста со тврдењето дека власта планира да ги зголеми придонесите за здравствено осигурување.
– Партијата чиј директор на ФЗОМ, Ден Дончев, трупаше купчиња пари во торба, во мизерен обид лаже и манипулира за работата на Фондот. Заврши времето кога директорот на ФЗОМ од СДСМ трупаше купчиња пари во торба. Заврши времето кога договараше министерот Филипче провизии од вакцини. Заврши времето на жути-ет-јаху набавките. Заврши времето на обидите за приватизација на јавното здравство од Дубаи лекарот Филипче – соопшти ВМРО-ДПМНЕ.