Пратеничките групи на СДСМ и коалицијата ги повлекоа поднесените амандмани по ребалансот на буџетот, така што од над 200 поднесени амандмани, остануваат уште 30. За повлекувањето на преостанатите 142 поднесени амандмани на СДСМ соопшти координаторот на пратеничката група, Оливер Спасовски, кој најави дека ќе поднесат два нови комисиски амандмана насочени кон справување со последиците од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани и тековните пожари низ државата.
– Сметаме дека во едни вакви услови, во кои, од една страна, имаме сериозни пожари во државата, не може и не треба да тече нормална дебата, туку треба да се посветиме и на такви активности. Ние доставивме еден допис до претседателката на Комисијата со конкретните амандмани. Најавуваме дека ќе поднесеме два комисиски амандмана, кои ќе се однесуваат – едниот на Кочани, со одредена сума пари, и другиот – со сума пари за справување со пожарите, пред сè човечки капацитети. На тој начин да ја привршиме целата оваа работа во однос на амандманската расправа за ребалансот на буџетот – рече Спасовски.
Со ребалансот се врши реалокација на средства меѓу буџетските корисници, се дообезбедуваат средства за исплата на плати, пред сè во Министерството за внатрешни работи, каде што е обезбеден раст на платите на вработените од 10 проценти, а обезбедени се дополнителни средства и за исплата на зголемени пензии и дополнителни околу 300 милиони денари за капитални расходи.