Дека пренасочувањето на Сатеска нема да го реши проблемот со седиментите во Охридското Езеро се наведува и во последната реактивна мониторинг-мисија на УНЕСКО во Охридскиот Регион, од 2024 година. „Охрид СОС“ предупредува дека уште еднаш негрижата и неспособноста го оставиле Охридскиот Регион, неговите флора, фауна и жителите со загубено време, залудно потрошени пари и привид на решавање проблем
Проектот за пренасочување на реката Сатеска по нејзиното провобитно корито е толку лошо изготвен што спроведувањето на самиот проект би можело да доведе до спротивен ефект од предвидениот, односно „има потенцијал за зголемување на изложеноста и ранливоста на влијанијата од климатските промени“. Тoa го тврдат активистите на граѓанската еколошка иницијатива „Охрид СОС“, според кои негрижата и неспособноста ќе го доуништат веќе ранливиот Охридски Регион, заштитен од УНЕСКО како светско природно и културно-историско наследство.
Проектот за враќање на Сатеска во природното корито почна во 2022 година, со поддршка на УНДП, со цел враќање на реката во сливот на Црн Дрим наместо во Охридското Езеро. Проектот беше претставен како начин за заштита на регионот од екстремни временски услови и спасување на езерото од загадување.
Според „Охрид СОС“, предвиденото решение за проектот е недоволно квалитетно, односно квазирешение што ги остава истите проблеми, со можност да предизвика и други.
Во шеесеттите години од минатиот век, реката Сатеска беше вештачки пренасочена кон езерото, со цел да се исушат мочуриштата за земјоделски цели и да се подобри работата на хидроцентралите покрај Црн Дрим, каде што некогаш природно се влевала реката. Оттогаш Охридското Езеро се задушува во седименти, отпадоци, пестициди, хранливи материи и во други отрови што ги носи Сатеска. Оттогаш досега, со средства од Фондот за адаптација при Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатски промени, Македонија заедно со УНДП почна да ja исправа грешката и започна проект за враќање на Сатеска во нејзиниот вистински тек. Тоа требаше и да одговори на препораките на УНЕСКО за заштита на светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион.
– На хартија, идејата беше одлична: подобра заштита од поплави и почисто езеро. Двоен успех. Но, што се случи навистина? Прво, наместо да се реконструира старото корито така што ќе може да издржи 100 кубни метри во секунда при големи бури (утврдено со претходни технички проценки), речното корито беше направено да издржи само 15 кубни метри во секунда. Волумен поголем од тоа повторно би одел во езерото. Така што, при екстремни временски услови, загадувачките материи ќе продолжат да се влеваат во Охридско Езеро токму кога е најголем проблемот со штетните материи и со седиментите – посочуваат активистите од „Охрид SOS“.
Понатаму, како што велат, наместо проценка на влијанието врз животната средина (ОВЖС) што требаше да ги анализира можните последици од пренасочувањето на реката, само се ископирани делови од документи за сосема други проекти, со застарени и неточни податоци, без каква било проценка на влијанието врз автохтоните видови риби во езерото.
На крајот, конечната нацрт-верзија на таа нискоквалитетна ОВЖС била доставена до Министерството за животна средина и просторно планирање пред воопшто да се одржи јавна консултација за проектот. Тоа, како што велат од „Охрид СОС“, значи дека ниту носителот на оцената на влијанието ниту Министерството навистина имале каква било намера да ги чујат ставовите на локалното население, земјоделците, сопствениците на земјиште и на граѓанското општество, додека коментарите на „Охрид СОС“ доставени во рамките на таа консултација мистериозно исчезнале.
Пренасочувањето на реката Сатеска почнало и без добиено мислење од Комисијата за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион. Инаку, нејзината улога е да ги разгледа плановите и проектите пред нивната реализација за да се осигури дека нема да му наштетат на светското наследство. Самото мислење на комисијата е задолжително според закон, потсетуваат од „Охрид СОС“.
Како последица на наведеното, иницијативата „Охрид СОС“ поднела жалба до УНДП за сите посочени нерегуларности. Притоа, од УНДП е спроведена истрага со која е утврдено дека со оценката на влијанието врз животната средина „не се третираат сите релевантни влијанија врз физичките, биолошките и социоекономските ресурси, вклучувајќи директни, индиректни, кумулативни и индуцирани влијанија“, дека делови од оцената се плагијат, дека ресорното Министерство за просторно планирање речиси воопшто не врши контрола на квалитетот на ОВЖС и оти ја довело УНДП во заблуда со неточно тврдење дека коментарите од „Охрид СОС“ пристигнале по истекувањето на рокот.
Дека пренасочувањето на Сатеска нема да го реши проблемот со седиментите во Охридското Езеро се наведува и во последната реактивна мониторинг-мисија на УНЕСКО во Охридскиот Регион, од 2024 година.
„Охрид СОС“ предупредува дека уште еднаш негрижата и неспособноста го оставиле Охридскиот Регион, неговите флора, фауна и жителите со загубено време, залудно потрошени пари и привид на решавање проблем.
– Згора на тоа, иако Македонија во моментов го ревидира Законот за животната средина и има можност сериозно да го зајакне во доменот на оцените на влијанието врз животната средина, предложените измени ни оддалеку не се доволни за да донесат вистинска промена во квалитетот на оцените. Што уште треба да се случи за властите, конечно, да сфатат дека проценката на ризиците за луѓето и за живиот свет не е непријатност што може да се избрише со неколку штиклирани полиња и лажна консултација? Веројатно – уште една трагедија. А, кога ќе се случи тоа, немојте да кажете дека не сте биле предупредени – наведуваат од „Охрид СОС“ во писмото доставено до медиумите.