
Новообјавените сателитски снимки од иранскиот објект за збогатување ураниум во Фордо покажуваат знаци на интензивна активност по воздушните напади на САД и Израел.
На фотографијата снимена на 29 јуни се забележуваат багер и дигалка на самиот крај од новиот приоден пат, во близина на локацијата погодена од таканаречените бункер бомби.
Би-Би-Си исто така пренесува дека се забележани и булдожер и камион, додека дополнителна механизација е распоредена на влезот во комплексот и на зградите оштетени од израелските напади, ден по американското бомбардирање.
Според нуклеарниот експерт Дејвид Олбрајт, снимката укажува на евентуални активности за поправка на кратерите, проценка на структурните оштетувања и собирање на примероци за радиолошка анализа.
По нападот, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека „клучните ирански постројки за збогатување ураниум се уништени“.
Директорот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, претходно изјави дека Иран би можел да ги возобнови активностите за збогатување ураниум во период од неколку месеци.