Саша Ѓорѓевиќ: „Се срамам од бездушната, разорна нечовечност што произлегува од темнината на „Ќациленд“

519

Александар Ѓорѓевиќ, легендата на српската и југословенска кошарка и поранешен селектор на Србија, проговори за „Ќациленд“, шаторската населба основана од поддржувачи на српскиот претседател Александар Вучиќ.

Шокантните сцени што го обиколија светот во последните денови, во кои поддржувачите на Вучиќ, меѓу другото, ја пееја песната „Пошла мајка сина да потражи“, во моментот кога Дијана Хрка, мајката на Стефан Хрка, млад човек кој почина при уривање на натстрешницата во Нови Сад, започна штрајк со глад, никого не остави рамнодушен.

После, меѓу другите, Новак Ѓоковиќ, Богдан Богдановиќ и бројни други спортисти, се огласи и Ѓорѓевиќ, со многу силна порака:

„Порано бев безрезервно горд на мојата земја, горд и надмен во одбраната на нејзините бои, вредности и историја… Сега се срамам од бездушната, разорна нечовечност што произлегува од темнината на Ќациленд“, напиша Ѓорѓевиќ.

Тој сподели и фотографија со порака:

„Болката на мајката не смее да биде предмет на потсмев. Нема оправдување, нема „друг агол“. Постои само човечност – или нејзино отсуство“.

ИЗДВОЕНИ