Саркози за храна дневно трошел 10.000 евра, пиел вино од 160 евра, располагал со 120 автомобили…

98

Според документите што ги прикажа социјалистот Дозиер во времето кога Саркози беше претседател, во Елисејската плата безочно се трошеле парите на даночните обврзници. Меѓу другото, Саркози почнал да користи  приватен авион, со кој, како што нотира Дозиер, во една пригода пратил лекарски тим во Украина за да го донесе синот, кого го болел стомакот. Тој превоз француските даночни обврзници го платиле 16.000 евра. Патувањата на претседателот низ Франција во просек чинеле 85.000 евра, а во странство многу повеќе

 

Поранешниот француски претседател Никола Саркози е осуден на пет години затвор за криминален заговор за нелегално финансирање на неговата успешна претседателска кампања во 2007 година со средства од владата на тогашниот либиски лидер, Моамер Гадафи. Според обвинението, за возврат, тој требал да ѝ обезбеди меѓународна поддршка на тогаш изолираната либиска влада. Интересно е тоа што откако Саркози беше избран за претседател, Гадафи пристигна во Париз и се смести во шатор во дворот на Версај. Тоа предизвика револт кај Французите бидејќи либискиот диктатор беше поканет лично од Саркози.

По пресудата, која се очекува да не се промени и покрај жалбата што ја најави Саркози, повторно на површина излегуваат старите информации за неговиот раскошен живот откако стана претседател и ги имаше на располагање не само државните пари туку и милионите што ги добил од Гадафи, кои тој ги негира. Веднаш откако седна на претседателското столче во 2007 година, јавноста беше бомбардирана со информации за неговото трошење. Претходно, како политичар тој заработил многу, според некои шпекулации делумно и на нелегален начин, но очите на јавноста почна да ги боде неговото брзо богатење откако стана претседател, поради што веднаш го доби прекарот „претседател блинг-блинг“, што е француски сленг за раскош.

Шокантни податоци за трошоците на семејството Саркози тогаш изнесе социјалистичкиот претставник во францускиот парламент, Рене Дозиер. Според него, семејството Саркози дневно само за храна и пијалаци трошело по повеќе од 10.000 евра.

– Елисејската палата денес е дупка без дно во која парите на даночните обврзници се трошат неповолно, тврдеше Дозиер, презентирајќи ги заклучоците од своето истражување.

Според документите што ги прикажа, на масата на семејството Саркози се точеле само два вида вино, а секое од тие шишиња со кои се честеле и гостите чинело околу 160 евра. Според наодите на Дозиер, екстраваганцијата на францускиот претседател не била ограничена само на јадење и пиење, туку на сите форми на живот. Дури 121 автомобил им биле на располагање на претседателот и na неговиот најблизок круг во гаражата на Елисејската палата. Повеќе од 100.000 илјади евра се трошеле за нивното задолжително осигурување, а за гориво годишно се издвојувале најмалку 260.000 евра. Огромнa сумa пари се трошеле на аудиоопремата во Елисејската палата, а безмалку милион евра се потрошиле и за менување на рерните во кујната и на електрично управуваните ролетни. Освен ова, како претседател, Саркози почнал да користи приватен авион, со кој, како што нотира Дозиер, во една пригода пратил лекарски тим во Украина за да го донесе неговиот син, кого го болел стомакот. Тој превоз француските даночни обврзници исто така го платиле скапо – 16.000 евра.

– Овие бројки се застрашувачки. Се добива впечаток дека Елисејската палата и нејзиниот „закупец“ немаат чувство за реалност, ниту, пак, се грижат за заштедите што се неопходни за земјата, рече Дозиер.

Додека ги анализирал трошоците, кои се правени во време на светска економска криза, кога во Франција на сила биле мерки на штедење, Дозиер бил посебно шокиран од сумата што канцеларијата на Саркози ја исплаќала за време на неговите посети на странски земји. На пример, цело богатство било дадено за време на самитот на Г20, што се одржа во САД во 2009 година. Тогаш придружбата на Саркози сметала дека просторијата каде што требало да се одржи прес-конференцијата е релативно грда, па изнајмила друга сала, за која за неколку часа користење биле платени дури 21.000 евра. Исто така, едно просечно патување на Саркози во Франција чинело околу 85.000 евра. Тој со себе секогаш носел тим од околу 300 лица на кои им биле платени сите трошоци.

Во 2012 година Националната комисија за контрола на сметките на предизборните кампањи и јавното финансирање ја отфрли сметката на предизборната кампања на Никола Саркози за претседателските избори во 2012 година. Според информациите на неделникот „Експрес“, се покажало дека сметките на Никола Саркози ја надминале легалната сума од 22.509.000 евра. Тој тогаш се кандидираше за втор мандат, но не доби доволно гласови.

 

ИЗДВОЕНИ