Санкциите врз Нафтената индустрија на Србија (НИС) воведени од САД поради мнозинската руска сопственост во компанијата стапуваат на сила од шест часот утрово. Не се очекува граѓаните засега да имаат недостиг од деривати, но можна е промена на начинот на плаќање, особено ако има прекин во функционирањето на странските платежни картички.
„Санкциите воведени од САД поради мнозинската руска сопственост во компанијата стапуваат во сила од шест часот утрово (9 октомври)“, соопштија од НИС.
Уште во јануари, САД објави воведување санкции врз една од виталните компании за економијата на Србија поради соработката со Русија, но тие беа одложувани до денеска.
НИС е клучна компанија за снабдување на граѓаните на Србија со нафтени деривати, но и една од најважните за бруто општествениот производ и државниот буџет.
„Во моментов се обезбедени доволни залихи на нафта за преработка, додека бензинските пумпи се соодветно снабдувани со сите видови нафтени производи“, објави НИС откако стапија во сила американските санкции.
Србија, заедно со Белорусија, е единствената европска земја која не воведе никакви санкции врз Русија по инвазијата на Украина во февруари 2022 година и е постојано под притисок од Европската унија да се усогласи со надворешната политика на Брисел.
Досега, српските власти решително ги отфрлаа сите идеи за воведување санкции врз Русија.
Американските санкции против НИС се најстрогата казна за Србија за нејзината соработка со Русите досега.