Санду признава: Молдавија сè потешко опстојува сама – обединувањето со Романија е реална опција

Молдавската претседателка вели дека би гласала „за“ обединување со Романија на евентуален референдум, додека земјата е изложена на руска хибридна војна и се бори да опстане како суверена демократија

19
EPA/DUMITRU DORU

Молдавската претседателка Маја Санду изјави дека ќе гласа за обединување со Романија доколку прашањето некогаш се постави на референдум, наведувајќи дека на нејзината земја и е се потешко да „преживее“ сама, пишува европскиот портал Политико.

Со население од околу 2,4 милиони, Молдавија меѓу Романија и Унгарија, стана цел на руска хибридна војна, вклучително и дезинформации и манипулации на изборите, наведува Политико.

„Погледнете што се случува околу Молдавија денес. Погледнете што се случува во светот“, изјави Санду за британскиот подкаст „Останатото е политика“.

„За мала земја како Молдавија станува сè потешко да преживее како демократија, како суверена земја и секако да ѝ се спротивстави на Русија“, констатира молдавската претседателка.

Молдавија беше дел од Романија од 1918 до 1940 година, кога беше анексирана од тогашниот СССР, пред да прогласи независност во 1991 година, по падот на Железната завеса.

На референдумот во 2024 година, тесно мнозинство Молдавци – 50,4 проценти – гласаа за членство во ЕУ, но референдумот беше обележан со руското мешање. Санду беше повторно избрана за претседател на паралелно гласање со околу 55 проценти од гласовите, победувајќи го својот проруски противник.

И покрај тоа што изрази лична поддршка, Санду додаде дека прифаќа дека идејата за повторно обединување со Романија не е поддржана од мнозинството во Молдавија – за разлика од преференцијата за приклучување кон Европската унија, за која земјата аплицираше во 2022 година.

Анкетите покажуваат дека околу две третини од Молдавците се противат на повторното обединување, додека поддршката традиционално е поголема во Романија, забележува Политико.

ИЗДВОЕНИ