Шпанскиот премиер Педро Санчез побара од НАТО да го исклучи од својата цел за зголемување на трошоците за одбрана на 5 проценти од БДП, според писмо испратено до генералниот секретар на алијансата, Марк Руте, кое „Ројтерс“ го виде.
Санчез побара „пофлексибилна формула“ што или ќе го направи постигнувањето на целта доброволно или ќе ја ослободи Шпанија од неа, пренесува „Хина“.
„Посветувањето на целта од пет проценти не само што би било неразумно, туку и контрапродуктивно, бидејќи дополнително би ја оддалечило Шпанија од оптимално трошење и би ги нарушило сегашните напори на Европската Унија за зајакнување на нејзината безбедност и одбрана“, напиша Санчез во писмото.
Тој додаде дека новата цел, предложена од Соединетите Американски Држави, е „некомпатибилна со шпанската социјална држава и шпанскиот поглед на светот“. „Мадрид проценува дека ќе треба да издвои 2,1 процент од својот БДП за да ги задоволи воените потреби на Шпанија“, рече Санчез.