Во изложбениот салон Империјал 1 во Културно-информативниот центар во Скопје на 10 септември во 20 часот ќе биде отворена самостојната изложба на македонскиот уметник Ацо Таневски насловена “Предација“.
„Очите се најдлабокото сведоштво на животот. Во нив се среќаваат молкот и викот, заканата и трепетот, гладот и опстанокот. Еден поглед може да ја открие целата суштина на инстинктот — суровата моќ на предаторот или последната беспомошност на жртвата. Овие очи претставуваат сирова енергија, животински нагон и природна хиерархија. Тие се метафора на длабоки емоции: лутина, агресија, страв, глад, односно примарниот порив за преживување. Како мотив будат чувство на опасност и будност, симболизираат доминација и потсетуваат на темните аспекти на животот. Погледот создава психолошка напнатост и ни дозволува во животинските квалитети да се препознаеме себеси. Токму и затоа очите на грабливците и нивните жртви веќе подолго време го фасцинираат Ацо Таневски и го привлекуваат неговото внимание. Оваа опсесија не е само биолошка или симболична — таа е дел од неговиот поширок интерес за макро и микро димензиите на реалноста, начинот на кој секое нешто може да се согледа и како целина и како фрагмент“, се вели во најавата на изложбата.
Во делата на Таневски, животните се сведени на најмоќниот и најуниверзален симбол, и како огледало на душата — окото.
„Понекогаш тоа е зголемено до апстракција, до точка каде што исчезнува целосната слика на животното и останува само концентрираната енергија на погледот. Лишено од контекст, од клун, муцка, заби, уши или вилица, окото станува автономен мотив, чист концентрат на животинска присутност.
Во други композиции, Таневски ги претставува предаторите фронтално, во анфас, во симетричен баланс околу замислена оска. И повторно — без лицето, без телото — останува само погледот, двојната тишина што не гледа назад…“, се додава во најавата
Инаку, Ацо Таневски е роден 1965 година во Скопје. Завршил средно уметничко училиште во 1984 год. како и Факултет за ликовни уметности (педагошки отсек со сликарство) 1991 во Скопје. Член на ДЛУМ од 1993 година, и активен член на Сојузот на ликовни педагози. Освен со ликовна, се занимава и со театарска и книжевна уметност. Учесник на преку 150- ина групни изложби во земјата и во странство, како и на 40 – ина ликовни колонии.
Изложбата ќе биде отворена до 21. септември.