Во Чифте амам, на 16 октомври со почеток во 20:00 часот, ќе биде отворена самостојната изложба на уметницата Верица Ковачевска со наслов „Кога водата ќе секне (When Water Runs Dry)“, во кураторство на д-р Ана Франговска, кустос советник во Националната галерија.
Изложбата претставува ретроспективно-продуцирана целина по повод 20 години творештво на Ковачевска и опфаќа осум мултимедијални инсталации – видео, звук, просторни инсталации, цртежи и партиципативни проекти – распределени низ поединечните простории на Чифте амам. Водата е поставена како централна метафора и наративна нишка низ изложбата, како знак на живот и обновување, но и на исчезнување, меморија и загуба. Делата отвораат прашања за архитектонското наследство, урбаните трансформации, колективното сеќавање и за екологијата на просторот, испреплетувајќи ги личните наративи со општествените контексти.
Ковачевска (1982, Скопје / живее и работи во Цирих, Швајцарија) е мултимедијална уметница чија практика се одликува со истражувачки пристап, работа со јавен простор и со активно вклучување на публиката. Нејзините дела биле претставени на бројни групни и самостојни изложби, како и на фестивали, меѓу кои: музејот „Тингели“ (Базел), Музејот на современа уметност (Скопје), „Хелмхаус“ (Цирих), Музејот на современа уметност (Роскилде), фондацијата „Мерц“ (Торино), „Манифеста 11“ (Цирих), Четвртото московско биенале и „Урбан фестивал 10“ (Загреб). Ковачевска има диплома по визуелни уметности со театар и изведба од Универзитетот во Плимут и магистратура по уметности, култура и образование од Универзитетот во Кембриџ. Добитничка е на бројни награди, грантови и резиденции. Од 2023 година е докторанд на Универзитетот „HafenCity“ (Хамбург), каде што работи на пресекот меѓу уметничкото истражување, попреченоста и јавниот простор.
Изложбата ќе биде отворена за јавноста до 11 ноември.