Со промоција на монографијата и со изложба на над стотина негови дела, во сабота, на 24 мај, во неговата родна Гевгелија, ќе биде одбележан седумдесетгодишниот творечки јубилеј на академскиот ликовен уметник Борис Петров. За неговото творештво ќе говори и изложбата ќе ја отвори Климе Коробар, историчар на уметностa и долгогодишен директор на Музејот на град Скопје.
Академскиот сликар Борис Петров е роден во Гевгелија во 1935 година. Сликарство завршил во Училиштето за применета уметност во Скопје, во класата на Лазар Личеновски и Педагошка академија во Скопје. Член е на ДЛУМ од 1969 година. Досега, има учествувано на голем број изложби, како во Македонија, така и во регионот и во Европа. Петров твори во духот на она што му го советувале неговите професори, за убавото гевгелиско и дојранско поднебје. За него, еминентните стручњаци ќе речат дека е мајстор на македонскиот топол колорит, негова трајна инспирација е поднебјето под кое живее и твори, а дека неговиот ракопис е силно медитерански обоен.
Овој несекојдневен културен настан е дел од програмата на „Гевгелиско културно лето 2025 “, поддржан од Општина Гевгелија, а ќе се одржи во салата на хотелот „Аполонија“ со почеток од 20 часот. (Љ.А.)