Самохраните родители и лицата со попреченост ќе можат да отвораат социјални претпријатија

18

Подготвен е предлог-закон за социјални претпријатија, кој ќе биде доставен до Владата, а во првата половина од следната година се очекува да ја помине собраниската процедура и да биде усвоен.

Целта на законот е да се создаде правна, институционална и финансиска рамка за развој на социјални претпријатија и да им се помогне на младите да станат активни чинители во општеството.

– Законот е многу важен, бидејќи ги препознава сите ранливи категории, а особено младите до 29 години, самохраните родители, лицата со попреченост и другите ранливи категории, како учесници и двигатели на промените во општеството. Сите овие категории граѓани ќе имаат отворена врата за да отворат социјални претпријатија – изјави заменик -министерот за труд и социјална политика, Фатмир Сабриу, пред почетокот на форумот за социјално претприемништво што се одржува во Скопје.

Форумот е заокружување на проектните активности на Регионалниот инкубатор за социјални претприемачи (RISE), поддржани од Француската агенција за развој (AFD), Европската Унија, Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO) и од Француско-германската канцеларија за млади (FGYO).

Преку проектот RISE, поддржани се 850 млади лица од Западен Балкан, од 2019 година досега. Од нив, 135 тима се финансиски поддржани со по две илјади евра за да ја развијат својата идеја во бизнис. Има е еден тим од Македонија што веќе развива успешна бизнис-приказна и што ќе добие уште пет илјади евра финансиска поддршка за да го доразвие бизнисот и за да се регионализира.

– Проектот RISE, кој трае од 2019 година досега, има цел да ги поддржи младите претприемачи од целиот регион на Западен Балкан не само со финансиски средства туку и со целосно менторска поддршка. Од 2019 година досега, имаме поддржано над 850 млади, кои биле вклучени во програмата, а со грантови од две илјади евра се поддржани 135 тима на млади. Тоа беше иницијална поддршка, а подоцна, со менторите, ги поддржувавме и сега најголем дел од нив се успешни. На овој настан ја даваме и наградата на тим што е избран од Македонија како успешна приказна и со дополнителни пет илјади евра, му помагаме да го доразвие бизнисот, да го регионализира и да продолжи со својата мисија – изјави Владимир Ѓорѓевски, директор на локалната подружница на RYCO во Скопје.

 

ИЗДВОЕНИ