Коалицијата „семафор“ во Германија потроши вкупно 588.405 евра јавни пари за шминка, фризура и стилизирање на министрите во периодот од 2022 до март 2025 година, според извештај на федералната влада што го видел германскиот весник „Билд“, пренесува „Танјуг“.
Највисоките трошоци се забележани во Министерството за надворешни работи, под водство на Аналена Бербок, кое потрошило 20.849 евра само во првите три месеци од 2025 година, што е просечно 248 евра дневно само за шминка.
Нејзината долгогодишна шминкерка наводно добивала 7.500 евра месечно, па дури и ја придружувала министерката на службени патувања, што е трошење пари за земја во економска криза која предизвика широки критики.
Поранешниот канцелар Олаф Шолц потрошил 13.015 евра во истиот период, додека други министри, вклучувајќи ја министерката за семејни прашања Лиза Паус, министерката за внатрешни работи Ненси Фајзер и министерката за животна средина Штефи Лемке, исто така имале сметки за стилизирање со четири цифри.
Во првите три месеци од 2025 година, шминката и фризурата за министрите чинеле вкупно 49.646 евра.
„Најштедлив“ бил министерот за економија Роберт Хабек, чие министерство пријавило трошење од 598 евра.
Претходно, неговото министерство потрошило 350.000 евра за фотографи во текот на четири години.
Според владата, трошоците ги вклучувале и вработените во министерствата, а не само самите министри.
Истрагата наводно била поттикната од критиките од опозициските партии, при што ЦДУ повикала на ограничувања на трошењето, а Здружението на даночни обврзници го осудило прекумерното трошење.
Владата на Шолц, која ја презеде функцијата во декември 2021 година, падна во ноември 2024 година поради внатрешни конфликти во владејачката коалиција.
По предвремените избори во февруари 2025 година, беше формирана нова влада предводена од Фридрих Мерц.