Неформалниот лидер на Република Српска, Милорад Додик, е поканет на Молитвениот појадок, организиран од американскиот претседател, Доналд Трамп, во Вашингтон, што ќе се одржи на почетокот на февруари. Поканата доаѓа само три месеци откако беа укинати санкциите под кои беше многу години поради сепаратистичко дејствување во Босна и Херцеговина.
Во интервју за белградскиот весник „Политика“, Додик потврди дека е поканет, но не беше сигурен дали ќе патува поради повторените избори за претседател на Република Српска, што ќе се одржат во тоа време. Тој објасни дека поканата стигнала од двајца конгресмени кои го организираат Молитвениот појадок и рече дека е поддржувач на Трамп во двата негови мандата.
Американската администрација воведе санкции против Додик во 2017 година, а од тој список беше отстранет на крајот на октомври минатата година, заедно со 48 други лица и деловни субјекти поврзани со него.












