Само сеќавања: Гоце Николовски – „Бисер Балкански“!

36

Не само песната туку и поимот „бисер балкански“, со текот на годините, станаа знак на препознатливост за името и за ликот на легендарниот пејач, Гоце Николовски. А, годините си го прават своето од неговото физичко заминување, кога овој извонреден пејач самиот си го одзеде животот испукувајќи куршум во својата глава. Тој почина во 2006 година. Информациите од тоа време велат дека соседството на Николовски слушнало истрел од пиштол околу 22:00 часот.  Во присуство на полицијата го наоѓаат мртвото тело на пејачот. По него останаа во вечна жалост неговите деца Катарина и Александар Николовски.

Инаку, Гоце беше роден 1947-ма во Скопје, а песната „Бисер Балкански“ останува да се пее и понатаму насекаде низ Македонија. Особено во македонската дијаспора. Некое време, песната беше предлог и за нова македонска химна.

Своите први чекори на музичката сцена, Николовски ги направил уште како тинејџер. На 16 години, додека живеел во Ниш, Србија (татко му бил воено лице во тогашната ЈНА), Гоце победил во исклучително популарната телевизиска емисија „Максиметар“. Со тој успех започнува неговата музичка кариера. Најпрво како член на групата „Рубинси“. Многу брзо потоа станал дел на една од најпознатите нишки поп-рок групи „Далтони“. Со песната „Рука од сна“, која ја изведувал со оваа група, беше знак на препознатливост на југословенската естрада. Сепак, врвот на својата популарност Николовски го достигнува во 1990 година, кога на „Фолк-фест Валандово“ премиерно ја испеа песната „Бисер Балкански“.

На тој фестивал освојува прва награда и за кусо време песната прераснува во национален хит. Поголема тежина и поголемо значење добива уште повеќе затоа што е испеана во едно турбулентно политичко-воено време, кога се распаѓаше Југославија и се раѓаше самостојна Македонија. Најмногу меѓу Македонците во дијаспората, „Бисер Балкански“ се доживува како песна која раскажува за македонскиот идентитет. По овој успех со „Бисер Балкански“, Гоце Николовски останува да се слуша и со другите песни: „Серенада“, „Приказна за Ангелина“, „Запејте сите ангели“, „Бисера“, „Песна од земја далечна“, “Од мајка нема помила“. Со својот глас, емоција и музичка интерпретација, Гоце Николовски останува запишан со златни букви меѓу највлијателни имиња во историјата на македонската музика.

За придонесот што го даде за македонската заедница во Австралија, Николовски беше прогласен за почесен граѓанин на Аделаида и го доби почесниот „клуч на градот“. Затоа, кога почина, бројни телевизии и радиостаници од дијаспората, посмртно му доделија признанија за животно дело. Во 2000 година, „Бисер Балкански“ го добива и официјалното признание за „Песна на векот“.  (Д. М.) фото:Википедиа

ИЗДВОЕНИ