Најмалку две лица се убиени, а две ранети во нападите со руски беспилотни летала врз украинскиот град Одеса, соопштија локалните власти. Беспилотните летала погодиле станбена зона, оштетиле згради и градинка.
Според украинските сили, Русија ја таргетирала Украина со 160 беспилотни летала преку ноќ, од кои 133 биле соборени или пресретнати.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека 99 украински беспилотни летала биле соборени преку ноќ низ Русија.
Нападите се случиле неколку часа пред почетокот на прекинот на огнот договорен за Велигден.
Рускиот претседател Владимир Путин во четврток објави 32-часовен прекин на огнот за време на викендот, наредувајќи им на руските сили да ги прекинат непријателствата од 16 часот во сабота до крајот на неделата.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во петок изјави дека Украина е подготвена да го почитува прекинот на огнот од своја страна.












