Од 30 испитани европски земји, само две ветија дека ќе ги ограничат воените емисии на штетни гасови кои ја загреваат планетата. Австрија и Словенија се единствените земји чии министерства за одбрана се посветени на постигнување нула воени емисии, пишува Гардијан во својата анализа.

Само една третина од земјите ја процениле големината на нивниот јаглероден отпечаток. Наодите ја потврдуваат „долгогодишната слепа точка“ во проценките на глобалните емисии, вели Флоријан Крампе, шеф на климатските истражувања во Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот (СИПРИ).

Истражувачите проценуваат дека светските војски придонесуваат со околу 5,5% во глобалните емисии, повеќе од воздушниот сообраќај, но помалку од челичната индустрија. Меѓутоа, меѓународните договори за климата не бараат од владите да известуваат за нивните емисии.

Активистите тврдат дека ова „воено ослободување“ ќе и наштети на долгорочната безбедност со дополнително затоплување на планетата и дека конфликтите околу ресурсите како што се водата и храната ќе се зголемат. Анализата на климатските планови на армиите во 27-те земји-членки на ЕУ, како и на Велика Британија, Норвешка и Швајцарија, кои се обврзаа да достигнат нула емисии до 2050 година, покажа дека речиси ниту едно министерство за одбрана нема краткорочни цели за драстично намалување на емисиите или долгорочни цели за постигнување нето нула емисии.

Министерствата за одбрана на Германија, Холандија, Грција и Велика Британија соопштија дека „придонесуваат“ за националните цели за нулта емисија на штетни гасови, но дека не си поставиле свои цели.

„Нашата главна цел и понатаму е мирот. Заштитата на климата не смее да се прави на сметка на оперативните можности на нашите вооружени системи“, изјави портпаролот на германското Министерство за одбрана.

Британските кралски воздухопловни сили поставија амбициозна цел да достигне нето нула емисии до 2040 година, десет години пред националната цел за климата, но остатокот од вооружените сили не го сторија тоа.

Вооружените сили на некои земји поставија цели со нулта емисија кои покриваат само дел од нивните активности. Белгиското Министерство за одбрана, на пример, цели кон климатско неутрална инфраструктура до 2040 година, додека Португалија сака да стане јаглеродно неутрална во „активностите кои им даваат поддршка на мисиите“, до 2050 година.

Други земји, како Норвешка и Ирска, поставија цели за 2030 година, но нема датум за постигнување на нула емисии. Норвешка планира да ги намали емисиите за 20% во споредба со нивото од 2019 година до крајот на деценијата, додека Ирска има за цел намалување од 51% во споредба со нивоата 2016-2018 година.

Активистите тврдат дека напорите за намалување на воените емисии се многу помалку од економијата и веројатно нема да бидат доволни за да се компензира зголемувањето на потрошувачката на гориво, инвестициите во инфраструктурата и опремата.

Портпаролот на австриското Министерство за одбрана, кое се стреми кон климатска неутралност до 2040 година, рече дека тие постигнале најголем напредок во декарбонизацијата на зградите, преку набавка на зелена електрична енергија и проширување на централното греење.

„Сепак, намалувањето на емисиите во војската останува голем предизвик, барем додека цивилните технолошки иновации не станат применливи и за воените операции“, рече тој.

Министерствата за одбрана на Бугарија, Унгарија и Словачка не одговорија на барањата за коментар, а одбија да коментираат и Италија, Шпанија и Чешка, пишува Гардијан.

Вкупните воени трошоци во Европа се зголемени за 17 отсто – на 693 милијарди долари во 2024 година, покажуваат податоците на СИПРИ. Ова е резултат на бранот на вооружување, поради војната во Украина. Европските членки на НАТО со децении не ја исполнуваа обврската да издвојат 2 отсто од БДП за одбраната, а тогаш американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека Вашингтон може да ја одбие поддршката на воената алијанса доколку нешто не се промени.

Ова ги наведе европските земји да ги зголемат воените трошоци. Предизвикот, вели Крампе, е да се осигура дека овие воени инвестиции дополнително не ги ослабуваат климатските обврски.

„Одбранбениот сектор повеќе не може да биде слепа точка во климатските активности. Зголемувањето на воените трошоци треба да ги поттикне зелените иновации, а не да ја зајакне зависноста од јаглеродот“, порача тој.

ИЗДВОЕНИ