Поранешната американска тенисерка, Серена Вилијамс, во разговор со американските медиуми изјави дека гледа голем напредок во играта на Шпанецот Карлос Алкараз, за кого смета дека може да стане најтрофеен во историјата.

Вилијамс е импресионирана од брзината со која Алкараз освојува гренд-слем титули (досега има шест), и смета дека токму младиот Шпанец може да го стигне Србинот Новак Ѓоковиќ, кој е рекордер со 24 трофеи од големите турнири.

„Во овој момент мислам дека повеќе сценарија се во игра, но мислам дека само Алкараз може да го стигне Ѓоковиќ. Тешко е да освоите само еден гренд-слем, а замислете да стигнете до бројката од 25.

Карлос веќе има шест, а особено сум фасцинирана од леснотијата со која доаѓа до трофеите. Мислам дека е на одличен пат да стане апсолутен рекордер во машкиот тенис. Се надевам само дека ќе се чува од повреди и дека ќе биде целосно фит за следните настапи“, рече Вилијамс.

Алкараз во моментов е прв тенисер на АТП листата, со 1340 поени повеќе од второпласираниот Јаник Синер од Италија.

ИЗДВОЕНИ