Во Македонија не сме доволно подготвени за да ги искористиме придобивките од користењето на вештачката интелигенција, истакна претседателката на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТСМ), Нина Ангеловска-Станков пред почетокот на осмата регионална конференција за е-трговија.

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски истакна дека е-трговијата веќе не е алтернативен, туку доминантен економски модел, кој бара силна поддршка од државата, преку модерни дигитални платформи, регулаторна предвидливост и иновации ориентирани кон пазарот

 

Дигиталната зрелост на регионот е сè уште на ниско ниво и сите мораат да работат за да ја забрзаме. Претседателката на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТСМ), Нина Ангеловска-Станков, пред почетокот на осмата регионална конференција за е-трговија, изјави дека во просек, 27 отсто од компаниите на Западен Балкан продаваат онлајн, но има нерамномерен развој.

– Ако имаме земји со 48 отсто, а во Македонија само 19 отсто од компаниите продаваат онлајн. Во просек, само два процента од компаниите од Западен Балкан користат алатки за вештачка интелигинција, за подобрување на работата и на продуктивноста и во е-трговијата, исто така. Во Македонија, само еден процент од компаниите користат алатки за вештачка интелигенција – рече Ангеловска-Станков и потенцира дека во Македонија не сме доволно подготвени за да ги искористиме придобивките од користењето на вештачката интелигенција.

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски нагласи дека Владата ја потврдува својата посветеност кон унапредувањето на електронската трговија како двигател на економијата, преку спроведување јасна стратегија за дигитална трансформација, зајакнување на интероперабилноста и намалување на административните пречки за граѓаните и за компаниите. Тој истакна дека е-трговијата веќе не е алтернативен, туку доминантен економски модел, кој бара силна поддршка од државата, преку модерни дигитални платформи, регулаторна предвидливост и иновации ориентирани кон пазарот.

– Интероперабилноста што бесплатно ја овозможивме за повеќе од 76 институции и компании – со повеќе од 2,6 милиони безбедни трансакции месечно и раст од 260 отсто – претставува не само успех на администрацијата туку и можност за приватниот сектор. Таа отвора простор за дигитални услуги, безбедна размена на податоци, брз пристап до потребните административни податоци и за нови бизнис-модели што ги поврзуваат државата и компаниите во еден заеднички дигитален екосистем – изјави министерот Андоновски.

Во рамките на поддршката за малите и за средните претпријатија, Министерството за дигитална трансформација, преку Европскиот дигитален иновациски хаб – INNOFEIT EDIH, како што потенцира, им овозможува на компаниите пристап до лаборатории, дигитални алатки и експертска поддршка за тестирање нови технологии пред инвестирање.

– Овој хаб нуди и обуки за дигитални вештини во областа на вештачката интелигенција, сајбер безбедноста, автоматизацијата и Интернет на нештата, со цел да ја зголеми конкурентноста на домашните компании на европскиот пазар. Во таа насока, Националниот центар за вештачка интелигенција „Везилка“ развива АИ-решенија применливи и во приватниот сектор, со што создава услови електронската трговија да стане поефикасна, попаметна и побезбедна – подвлече министерот за дигитална трансформација.

Според него, намалувањето на бирократијата и отворањето на податоците за бизнис-заедницата се клучни за модерна држава.

– Владата создава инфраструктура каде што иновацијата е во центарот, а граѓаните и компаниите се вистински корисници на дигиталната трансформација. Во следниот период, Владата ќе продолжи да инвестира во дигиталната инфраструктура, унапредувањето на екосистемот за иновации, како и во програмите за поддршка на стартапите и на претприемачите во дигиталната економија – истакна Андоновски.

 

ИЗДВОЕНИ