Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека нема да оди во Брисел на Самитот ЕУ-Западен Балкан, односно дека Србија нема да има свој претставник.
„За прв пат во последните 13 или 14 години, ниту јас ниту некој друг нема да одиме на таа меѓувладина конференција. Никој нема да ја претставува Република Србија, па затоа Западниот Балкан ќе биде без Република Србија“, изјави претседателот за РТС. Тој изјави дека донел таква одлука за да никој друг не биде виновен и владата да не трпи никаков притисок.
Тој рече дека во изминатите 24 часа разговарал со голем број европски лидери.
„Искрено сум благодарен за почитта што Урсула фон дер Лајен и Антонио Кошта ја покажаа кон Србија. Исто така, сум благодарен на претседателот Макрон, со кого разговарав синоќа. Верувам дека сè што правам, го правам за граѓаните на Србија. Без оглед на фактот дека знам дека оваа одлука ќе предизвика критики, и во Брисел и од оние кои секогаш критикуваат, дури и кога не знаат што точно критикуваат. Верувам дека со ова ја штитам Република Србија и нејзините интереси, бидејќи мора да покажеме што сме направиле“, рече Вучиќ.
Тој повтори дека Србија ќе го продолжи својот европски пат додека тој е претседател, а потоа, како што рече, ќе видиме, пренесува РТС.
Самитот ЕУ-Западен Балкан се одржува денеска во Брисел.












