На патот кон интеграцијата во Европската Унија, Македонија треба да биде оценувана според реформите и чекорите што ги прави, а не според билатералните прашања и спорови. Ваква порака денеска прати македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, кој учествуваше на Самитот на лидерите од Западен Балкан за Планот за раст, во албанската престолнина, Тирана. Во своето обраќање на собирот, кој се одржува под мотото „Нашиот пат кон ЕУ“, тој потенцира дека земјава останува решително ориентирана кон европските интеграции и регионалната соработка. Но подоцна, во изјавата за медиумите по собирот, тој особено се осврна и на пречките што ги доживува нашата земја на тој пат. Тој рече дека не посакува никој да го доживее македонското искуство како земја што е цели 20 години кандидат за членство во ЕУ.
– Но, очигледно е дека кога еднаш ќе воспоставите некој исклучок како правило, тоа станува правило и понатаму и другите земји членки можат да се повикаат на тој исклучок што претходно е воспоставен и да прерасне како правило. Така што навистина не гледам повеќе суштина ако билатералните проблеми и билатералните спорови се тие што одлучуваат дали треба земјите да станат полноправни членки во рамките на ЕУ. За мене, суштината што ја гледам се испораката, реформите, чекорите што ги исполнуваат. И сè додека е тоа врз системот на испорака, тогаш апсолутно ние, како држава, ќе бидеме компетитивни и убеден сум дека ние ќе бидеме тие што први ќе стигнат до конечната цел – нагласи Мицкоски.
На новинарско прашање дали има омекнување на ставовите во редовите на европските претставници, тој одговори дека „зависи во кој дел“ и дека сега е концентриран на чекорите што се дел од развојниот план.
– Оние чекори што останаа во грејс-период, а што претходно не беа испорачани поради паузата за локалните избори, ние веднаш, по завршувањето на локалните избори, се фативме за работа и жестока испорака. До крајот на годинава очекувам најмалку 8, а можеби и 10 од 12. неисполнети чекори да бидат реализирани – најави премиерот.
Инаку, во обраќањето на собирот, тој рече дека Планот за раст е многу повеќе од иницијатива. Тоа, рече, е приказна за претворање на заложбата во вистинска промена. Нагласи и дека Македонија била првата земја од регионот што го операционализирала Инструментот за реформи и раст и прва што добила претфинансирање согласно со Планот.
– Ова беше резултат на посветената работа и на цврстото верување во европските вредности. Нашата реформска агенда, одобрена од Европската комисија, се фокусира на она што е навистина важно: добро владеење, чиста енергија, образование, развој на бизнисот и владеење на правото. Ова не се апстрактни цели. Тие се темелите на современата европска држава, секојдневната реалност што сакаме да ја обезбедиме за нашите граѓани – посочи Мицкоски.
Тој наброја и дел од промените што веќе се спроведуваат. Годинава се поднесени две барања за исплата на средства, со кои се поддржуваат приоритетните реформи на Владата во областа на дигиталните услуги, зајакнување на деловната клима и подобрување на енергетската ефикасност.
– Досега се исплатени околу 24 милиони евра, комбинација од заеми и од инвестициски грантови. Продолжуваме со натамошните реформски чекори во сите сектори: управување со јавните финансии, дигитална трансформација, развој на бизнисот и реформи во правосудството. Завршувањето на овие чекори ќе отклучи дополнителна поддршка од ЕУ во износ од над 134 милиони евра. Но, ова не се само бројки, ова се приказни за промена – додаде Мицкоски.
Тој го потенцира и приклучувањето на Македонија кон Единствената зона за плаќања во евра (SEPA), потоа проектот „WiFi“ за Западен Балкан, кој се спроведува во 63 општини, Дигиталниот самит во Скопје, како и програмата „Хоризонт“ – градење национална антена на фабриката за вештачка интелигенција, која ја поврзува Македонија со европскиот екосистем за ВИ и со капацитетите за суперкомпјутери.
– Нашата зелена транзиција, од енергетски ефикасни студентски домови до нови инвестиции во транспортот и во железничката инфраструктура, покажува дека растот и одржливоста можат да одат рака под рака. Вкупно, проекти во вредност од околу 1,1 милијарда евра се во текот на Планот за раст, од кои над половина милијарда се ЕУ-грантови. Овие чекори се доказ дека кога ги интегрираме нашите пазари, кога ги поврзуваме патиштата и кога ги усогласуваме правилата, веќе ги практикуваме Европската Унија и нејзините вредности – заклучи Мицкоски.
Тој потенцира дека нашата порака денес е едноставна, но, како што рече, Македонија исполнува.
– Не реформираме затоа што се очекува тоа од нас, туку реформираме затоа што веруваме во европската идеја. Ние ја градиме Европа дома со нашите политики, со нашите дела и со нашите вредности. Сега го очекуваме од нашите партнери истото, правичен, меритократски пристап што ги наградува резултатите и ја препознава посветеноста. Заедно да го претвориме овој План за раст во вистински напредок и промена, да биде доказ дека европската идеја продолжува да инспирира, да обединува и да дава резултати, не утре, туку денес – посочи македонскиот премиер.
Неговите пораки доаѓаат во време кога и од страна на официјалните претставници на ЕУ сè почесто доаѓаат пораки дека блокирањата на патот на земји кандидати преку билатерални прашања се неприфатливи. По серијата остри изјави на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, кој оцени дека блокадите што не произлегуваат од Копенхашките критериуми се целосно неприфатливи, завчера и Европскиот парламент испрати јасна и недвосмислена порака со која билатералните прашања не смеат да станат инструмент за условување и блокирање на евроинтеграциите.
– Нерешените билатерални прашања меѓу членките од ЕУ и земјите што не се членки на Унијата треба да се решаваат билатерално и не смеат да се користат како лост за блокирање на процесот на пристапување на земјите кандидати за членство. Проширувањето е една од најсилните алатки на ЕУ во надворешната политика и геополитиката и останува клучен двигател на долгорочната безбедност, мирот, стабилноста и просперитетот во Европа врз основа на заедничките демократски вредности и претставува историска можност со значајни социоекономски, политички и безбедносни предности и за ЕУ и за земјите опфатени со процесот на проширување – е наведено во предлог-извештајот за стратегијата на ЕУ за проширување на Европскиот парламент.
Во него се потенцира дека некои од државите што се стремат да се приклучат кон блокот, веќе со години имаат статус на кандидати за членство.
Проблеми со субвенцијата за електрична енергија и со Изборниот законик
Премиерот Мицкоски рече дека постојат два проблематични чекори што треба да се решат.
– Првиот е субвенцијата за електричната енергија, која Владата, преку своите механизми, ја овозможува за граѓаните. Цениме дека доколку не се случи тоа, сметките за електрична енергија на граѓаните ќе се покачат за најмалку 35-40 проценти. И тој чекор, рековме, не можеме да го исполниме и нема да го исполниме во овој момент. И вториот е адаптацијата на Изборниот законик. Знаете какви политички гимнастики се случуваат во Парламентот и тој е еден од оние закони во кои пратениците можат да прават филибастеринг во рамките на Парламентот. Така што сè останато, останатите 10, за нас, се реалност и мислам дека ќе успееме во рамките на крајот од оваа година или евентуално во првите две недели од следната година да го испорачаме тоа – нагласи тој.
Марта Кос: Грешката со Западен Балкан мора да ја исправиме
Европа не може да биде безбедна без Западен Балкан, и тоа е грешка што сме ја направиле во минатото и мора да ја исправиме и поправиме, порача во своето обраќање еврокомесарката за проширување, Марта Кос. Таа додаде дека амбицијата на Планот е сите земји кандидатки од Западен Балкан да напредуваат синхронизирано.
– Вашиот дом – Европа ве чека, вие сте дел од Европа, ние едноставно мора да го направиме ова во институционална форма за да станете земји членки на ЕУ. Вие сте дел од Европа. Да ги искористиме преостанатите две години за да го направиме Планот за раст огромен успех и за да ја подготвиме основата за пристапување кон ЕУ. Дојдовме тука за да го оцениме напредокот, изминаа две години од почетокот на спроведувањето на растот за Западен Балкан. Време е да разговараме, имаме многу за славење. Две од шест земји во регионот сè уште не почнале да ги усвојуваат реформите, додека двете земји со најголем напредок постигнале повеќе од 50 проценти од реформите – рече таа.
Домаќинот на Самитот, премиерот на Албанија, Еди Рама, потенцира дека „ако стагнира Западен Балкан, Европа ќе биде послаба и дека нема силна Европа без Западен Балкан“.












