Самит на Г7 Канада во сенка на израелско-иранскиот конфликт

161
Фото: EPA-EFE/SPENCER COLBY

Светските лидери пристигнуваат во Канада заради учество на Самитот на Групата седум (Г7) во одморалиштето Кананаскис, Алберта.

Г7 ја сочинуваат Канада, САД, Франција, Италија, Јапонија, Германија и Велика Британија, а на Самитот присуствува и Европската Унија, како и други шефови на држави поканети од канадскиот премиер Марк Карни.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе присуствува и се очекува да се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп.

Други светски лидери ќе се сретнат со Трамп во групен формат и на билатерални разговори.

Мексиканската претседателка Клаудија Шеинбаум ќе присуствува и изјави дека очекува прва лична средба со Трамп. Меѓу новите учесници се германскиот канцелар Фридрих Мерц, британскиот премиер Кир Стармер и јапонскиот премиер Шигеру Ишиба.

Пред самитот, веќе се забележува суптилен отпор кон Трамп од другите лидери на Г7, пишува „Франс24“.

Карни изјави дека САД повеќе не се „доминантна“ сила во светот по тарифите на Трамп, кои создадоа пукнатини во децениското партнерство меѓу САД и Канада.

– Застанавме рамо до рамо со Американците за време на Студената војна и во децениите потоа, кога САД играа доминантна улога на светската сцена. Денес, таа доминација е минато, рече Карни на француски јазик минатата недела.

Тој додаде дека по падот на Берлинскиот ѕид во 1989 година, САД станаа глобален хегемон, позиција што е поткопана од трансакциската природа на Трамп, кој малку внимание посветува на одбраната на демократските вредности или владеењето на правото.

„Сега САД почнуваат да ја монетизираат својата хегемонија: наплаќаат за пристап до нивните пазари и ги намалуваат релативните придонеси за нашата колективна безбедност“, рече тогаш Карни.

Нападите на Израел врз Иран и потоа однмазничките напади од Техеран додадоа нова димензија на глобалната ситуација и веројатно ќе доминираат на дискусиите за време на самитот. Други теми вклучуваат тарифите на Трамп и војната во Украина.

Италијанската премиерка Џорџа Мелони се позиционираше како „мост“ меѓу администрацијата на Трамп и остатокот од Европа, но нејзината силна поддршка за Украина и заканите на Трамп за тарифи врз европските стоки ја ставија во тешка позиција. И покрај напорите на лидерите на Г7 да избегнат јавни конфликти со Трамп, неговата визија за светот останува во голема мера некомпатибилна со нивните цели, пишува „Франс24“.

 

 

ИЗДВОЕНИ