Шестиот самит на Европската политичка заедница (ЕПС) „Нова Европа во новиот свет: единство – соработка – заедничко дејствување“, на кој учествуваат 47 шефови на држави или влади заедно со лидерите на клучните европски и меѓународни институции, почна денеска во Тирана, главниот град на Албанија.
Ова е прв самит на ЕПЗ на Западен Балкан, кој е исклучително важен за Албанија, но и за регионот.
Како што е наведено на официјалната веб-страница на самитот во Тирана, тоа не е само симболично признавање на местото на Југоисточна Европа во европското политичко ткиво, туку и стратешка инвестиција во нејзината улога во обликувањето на иднината на континентот.
Со самитот копретседаваат албанскиот премиер Еди Рама и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, кој ќе ја заврши турнејата по Западен Балкан со посета на Тирана и учество на самитот.
Во Тирана се и македонскиот премиер Христијан Мицкоски, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, шефот на НАТО, Марк Руте, премиерот на Полска, Доналд Туск, германскиот канцелар, Фридрих Мерц, премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, претседавачот со Претседателството на БиХ, Жељка Цвијановиќ, британскиот премиер Кир Стармер, претседателката на Косово, Вјоса Османи, италијанската премиерка Џорџа Мелони премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ…
„Нашата посветеност во процесот на евроинтеграции ќе се засили во периодот кој што следи, иднината на македонските граѓани е во рамките на европското семејство“, објави премиерот Христијан Мицкоски на социјалните мрежи пред синоќешната неформална вечера на лидерите на земјите од Западен Балкан во Тирана.
Рама му посака добредојде и на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, а потоа дојде и украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој не даде изјава за новинарите, туку отиде директно во зградата каде се одржува самитот.
Британскиот премиер Страмер изјави за новинарите дека настаните од вчера и вечерва во врска со војната во Украина се „доказ дека Путин е несериозен“ кога станува збор за постигнување мир.
„Мора да имаме апсолутно единство со нашите сојузници. Ако нема прекин на огнот тогаш Русија мора да биде санкционирана. „Денес е важна можност да бидеме овде заедно“, рече Страмер.
Путин беше критикуван и од Урсула фон дер Лајен, како и од други европски лидери.
Пленковиќ рече дека не е изненаден што Путин не дошол на преговорите во Истанбул и нагласи дека секој чекор кон крајот на воените операции е позитивен, „но конечното решение не може да биде на Русија да и се доделат украински територии“.
Новиот состанок на ЕПЗ се одржува во време кога глобалните тензии, хибридните закани, економската принуда и технолошките нарушувања бараат покоординиран европски одговор и ќе послужи како платформа за политички дијалог и конкретна соработка.