Фудбалерот на Арсенал, Вилијам Салиба, изјави дека би сакал да го продолжи договорот со лондонскиот тим, кој истекува во 2027 година. По победата на Арсенал над Њукасл на пријателскиот натпревар пред сезоната, Салиба изјави дека немало конкретни преговори за продолжување на соработката, но дека имало добра комуникација меѓу неговиот агент и клубот.
- Да, се надевам. Секако, во моментов нема конкретни преговори, но има добра комуникација меѓу мојот агент и клубот. Ќе видиме – рече Французинот.
Тој ја започна својата кариера во Сент Етјен, потоа, во 2019 година, се пресели во Арсенал, но следните три години ги помина како позајмен во Сент Етјен, Ница и во Марсеј. Минатата сезона, тој одигра 51 натпревар за лондонскиот тим, постигнувајќи два гола и моментно е една од незаменливите алки во дефанзивата на Арсенал.