четврток, февруари 12, 2026
Дома СКОПСКА Салата во училиштето „Димо Хаџи Димов“ – готова во мај

Салата во училиштето „Димо Хаџи Димов“ – готова во мај

138

Oсновното училиште „Димо Хаџи Димов“ во населбата Влае ќе добие нова спортска сала. Градежните активности се во тек, а спортската сала ќе има и трибини и во неа ќе може околу 400 гледачи да ги следат натпреварите.

Премиерот Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука, Весна Јаневска, и градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, денеска на самото место проверија како се одвиваат градежните активности. Градоначалникот Луковски информираше дека салата ќе биде градена по највисоки стандарди, односно според стандардите на сите меѓународни спортски федерации. Покрај тоа што учениците ќе имаат квалитетни часови по физичко воспитание, во оваа сала и клубовите ќе можат да одржуваат тренинзи. Лукровски смета дека салата ќе биде и алтернатива за младината и дека клубовите ќе може да постигнуваат повисоки спортски резултати.

– Во оваа повеќенаменска сала ќе може да се тренира ракомет, одбојка, кошарка итн. – рече Лукровски.

Работите треба да завршат во мај.

И ова училиште ќе добие дополнителни седум училници, што ќе овозможи спроведување едносменска настава.

Министерката за образование и наука, Јаневска, најави дека со иста  цел, во Општината ќе биде проширено и училиштето „Петар Поп Арсов“.

Премиерот изрази задоволство што овој објект добива своја физиономија откако беа заглавени изградбата и проектот.

– Добро е што жителите од овој дел на градот ќе можат да ја користат оваа спортска сала, но она што е најважно, учениците од ООУ „Димо Хаџи Димов“ ќе добијат современ спортски објект каде што ќе може да се натпреваруваат во кошарка, ракомет и во други спортови. Геометријата на самиот проект одговара на барањата и потребите на врвните федерации. Особено треба да се истакне тоа за овој проект – нагласи Мицкоски.

Тој додаде дека, како Влада, ќе продолжат да го поддржуваат ваквиот тип проекти, затоа што, како што истакна, иднината е во најмладите, иднината е во децата.

Фото: (П. С.)

 

 

ИЗДВОЕНИ