Идентитетот и јазикот не се дел од преговарачките рамки и најдобро се бранат со полноправно членство во ЕУ, порача евроамбасадорот во земјава, Михалис Рокас. Рокас позитивно го оцени Извештајот на Европскиот парламент, истакнувајќи дека тој дава силна поддршка на интегративните процеси на државата и ги поддржува реформските процеси, особено реформите во правосудството, борбата против корупцијата и останатите предизвици со кои се соочува државата. Прашан за коментар на спорните одредби во Извештајот во врска со идентитетот и јазикот, евроамбасадорот Рокас потсети дека Европарламентот е независна институција, која носи политички одлуки согласно со свои внатрешни процедури.
– Најважно е да се истакне дека идентитетот и јазикот не се дел од преговарачките рамки. Идентитетот и јазикот најдобро се бранат со полноправно членство во ЕУ, изјави Рокас.
Нема напуштање на преговорите
Македонскиот премиер Мицкоски, пак, порача дека ако некој очекуваше по гласањето во ЕП, земјава револтирано да ги напушти преговорите или договорите, нема да се направат грешките од минатото и тоа нема да се случи.
– Нема да се однесуваме незрело и неодговорно и остануваме попосветени. Ќе докажеме дека со реформите дома сме најдобриот ученик во одделението за да бидеме посакувани од ЕУ, рече Мицкоски.
Тој ги праша европратениците кои гласаа за бришење на македонскиот јазик и на македонскиот идентитет од Извештајот како ќе спијат мирно, а им се заблагодари на сите оние што гласаа против и на оние што беа воздржани. Мицкоски, исто така, ја обвини опозицијата дека не покажува единство во ваква ситуација, за разлика од бугарските политичари кои се обединиле и цврсто го штитат нивниот интерес.
Во однос на обвинувањата од страна на опозицијата дека не се одбраниле македонскиот јазик и македонскиот идентитет, премиерот порача дека луѓето што распродадоа сѐ што можеше да се распродаде во минатото, почнувајќи од знамето, завршувајќи со името, немаат кредибилитет да судат и да пресудуваат.
– А што направи оваа Влада? Се обиде да врати дел од загубеното и делумно успеавме, така што ќе остане запишано и ќе има институционална меморија, Европскиот извештај што беше изгласан на АФЕТ, Комитетот за надворешни работи при Европскиот парламент и истиот со тој текст, вчера се најде пред европратениците. Да потсетам дека обидот беше целосно преименување на македонскиот идентитет и македонскиот јазик од страна на некои европратеници кои со своето неодговорно однесување се обидоа да го додефинираат како „модерен“. Тоа не успеа, бидејќи мнозинството европратеници ја прочитаа намерата, и тоа не успеа. Но, за жал, успеа она бришење од самиот Извештај на македонскиот идентитет и на македонскиот јазик, она што веќе беше усвоено на АФЕТ Комитетот за надворешни работи при Европскиот парламент. И она што е уште поважно, е што Европа, светот, македонските граѓани, видоа дека Договорот постигнат 2022 или како да кажам, прифаќањето на тогашниот предлог, во суштината, не претставува само лесна промена, интервенција во преамбулата и внесување на дел од бугарското малцинство во него, туку проблемот е многу подлабок, многу посуштински, а тоа е негирање на идентитет, на јазик, на еден од најмалубројните народи во Европа од страна на неговиот, во случај источен сосед, или соседна Бугарија, изјави Мицкоски.
Димитриевски: Сега нема гасни комори, но целта е иста – да се избрише народот!
Силна критика кон политиките на Европската Унија и нејзините членки, на прес-конференција упати и претседателот на Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија, Максим Димитриевски, кој оцени дека Македонија се соочува со нов облик на притисок – духовен и национален, и порача дека македонскиот идентитет не е предмет на преговори. Димитриевски посочи дека Бугарија води политика на културна агресија, со дипломатија на бела ракавица и со историско фалсификување.
– Историјата нè учи, но само ако сакаме да ја слушнеме! Во мракот на Втората светска војна, македонските Евреи беа немилосрдно собрани, депортирани и пратени во логорот Треблинка. Тоа не беше само обична воена операција, тоа беше систематски и организиран геноцид, извршен под директива на фашистичка Бугарија. Повеќе од 7.000 души – мажи, жени, деца – беа избришани од македонската почва, без да се вратат назад, без сведоци, без глас. И денес, 80-ина години подоцна, истата идеологија, само со поинакви методи, се обидува да го избрише македонскиот народ. Нема гасни комори, но има политички условувања. Нема возови кон Треблинка, но има преговори што водат кон поништување на идентитетот. Нема униформирани фашисти, но има модерни дипломати со исти цели: да го претворат македонскиот народ во историска забелешка, без јазик, без култура, без корен. Тоа што не го завршија со еврејската заедница во Македонија во 1943, сега се обидуваат да го сторат со целиот македонски народ, рече лидерот на ЗНАМ.
Димитриевски остро ги критикуваше и поранешните македонски власти, обвинувајќи ги за предавство на националните интереси, но и повторно повика на национално обединување преку заедничка платформа и декларација, без оглед на минатите грешки.
– Верувам дека вчерашниот ден, токму таков каков што беше, тежок, неправеден, повторно со извештај што личи на притисок, ќе биде уште еден ден што ќе нè обедини. Не околу политика, туку околу Македонија. Ние ја сакаме Македонија во Европската Унија. Движењето Знам за Наша Македонија токму за тоа се залага. Но не сакаме Македонија без Македонци. Не сакаме членство што ќе го платиме со негирање на сопственото постоење. Ако ЕУ дозволи еден нејзин член, како што е Бугарија, да ги претвори преговорите во средство за историски реваншизам, тогаш таа дозволува унија во која слабите се жртви, а силните го прекројуваат идентитетот на соседот, рече Димитриевски.
Прашан каде го гледа решението со проблемот со Бугарија, тој одговори дека времето кога македонското прашање се решавало во Софија, Атина или Белград е минато и сега одлуките се носат во Скопје, со поддршка на партнерите во меѓународната заедница.
Филипче: ВМРО-ДПМНЕ како со булдожер ги сруши меѓународните позиции на државата
Лидерот на опозициската СДСМ, пак, Венко Филипче, на прес-конференција ги обвини од ВМРО-ДПМНЕ дека како со булдожер ги срушиле меѓународните позиции на државата.
– Вадењето на јазикот од извештајот е пораз на владината дипломатија, која не успеа да подобри ништо од позициите кои ги наследи, туку како со булдожер ги сруши. Тие ги срушија нашите европски перспективи и го изложија нашиот народ на потсмев, правејќи го целосен губитник. Извештајот не е извештај за постоењето на македонската нација, македонскиот јазик или македонскиот идентитет, но македонската интеграција во Унијата е сè подалечна поради политиките и изборите на власта, рече Филипче.
Тој истакна дека ВМРО-ДПМНЕ ветуваше подобра преговарачка позиција, но единствено донесе понижувања на државата. Филипче потенцираше дека одлуката на ЕП и усвојувањето на извештајот се резултат на опасно застранување од стратешките позиции на државата и злоупотребата на јазикот и идентитетските прашања на Владата за сопствена политичка кампања.
– По преземањето на власта, ВМРО-ДПМНЕ наследи стабилна и јасна позиција во евроинтегративниот процес со загарантиран македонски јазик во Европската Унија и јасен пат за напредок. Ветуваа и лажеа дека можат подобро. Дека можат да обезбедат подобар договор со Бугарија, дека можат да обезбедат нова преговарачка рамка, дека се во периметарот и први во редот. Кажуваа дека имаат многу партнери кои нè разбираат и поддржуваат. За жал, ништо од тоа не се покажа како точно. Македонскиот јазик е безбеден, идентитетот е безбеден. Но македонската интеграција во Унијата е сè подалечна поради политиките и изборите на власта, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
И потпретседателката на СДСМ, Каја Шукова, на телевизиско гостување на Телевизија 24 изјави дека македонскиот јазик и македонскиот идентитет се дел од Европа и светот, и за тоа нема дискусија.
ЕП ги признава македонскиот идентитет и македонскиот јазик
Словенечката европратеничка со македонско потекло, Ирена Јовева, е децидна дека усвојувањето на извештајот не значи дека Европскиот парламент не го признава македонскиот јазик или македонскиот идентитет и тоа не треба да се сфаќа така, зашто тие не можат да се земат ни со лобирање, ни со гласање.
– Тоа е поради тоа што ЕП нема и никогаш нема да си земе за право да одлучува што било во врска со идентитет и јазик на кој било народ, па и на македонскиот. Идентитетот не може да се земе ни со лобирање, ни со гласање. Се случи тоа што се случи. Знам дека е тешко, и не е фер, како што и многу други работи не се фер, можеби и понефер од ова што се случи со гласањето. Ама сепак сакам народот да знае дека тоа е и сигнал дека ЕП не сака да се меша во тоа затоа што ги признава македонскиот народ, македонскиот идентитет и македонскиот јазик, рече Јовева во изјава за Канал 5.
Таа не се согласува дека грчко-бугарското лоби надвладеало меѓу европратениците за прифаќање на амандманите за бришење на македонскиот идентитет и на македонскиот јазик од извештајот. Смета дека ако надвладееше тоа лоби, ќе беше усвоен амандманот за модерен јазик.
Европскиот парламент го усвои извештајот за напредокот на Македонија за 2023 и 2024 година со 461 глас „за“, 121 „против“ и 107 „воздржани“. И покрај генералната поддршка за евроинтегративниот процес, дебатата пред гласањето беше обележана со длабоки разлики, особено околу прашањата за македонскиот јазик, идентитетот и добрососедските односи. (В.С.Н.)