Еден од оние што имаат можност да ја доживеат авантурата на летање со параглајдер е нашиот соговорник Лазар Стамков, претседател на регионалниот параглајдерски клуб „Пеликан екстрем“. Тој изминативе 13 години активно се занимава со овој спорт, кој го дава она волшебно искуство да се биде што поблиску до небото, да се наполни душата со адреналин и да се гледа светот од птичја перспектива
Лазар Стамков се занимава со параглајдерство од 2012 година и оттогаш овој спорт е негов начин на живот. Со регионалниот параглајдерски клуб „Пеликан екстрем“, чиј претседател е, има многубројни меѓународни учества на параглајдерски настани и многу освоени награди. За весникот ВЕЧЕР, вели дека нема заинтересираност кај младите за овој летачки спорт, иако Македонија е вистинска мека за параглајдерството во светот. Особено ја потенцира планината Кожуф, велејќи дека таа душа дава за параглајдерство, само треба интерес од надлежните
*Од кога се занимаваш со овој спорт и како го доживуваш параглајдерството?
– Интензивно од 2012 година. Но, пред тоа, некаде на почетокот од 90-тите години од минатиот век, научив да летам со змеј, ме научи инструкторот по летање Миле Јовановски од Прилеп. Параглајдерството е чист, еколошки спорт, се одвива во природа и бара поврзаност со неа, познавање на временските услови, познавање на ружите на ветрови, како и познавање на метеорологијата, која директно влијае на условите за летање. Едноставно кажано, за мене, параглајдерството е начин на живот.
*Колку години постои клубот за екстремни спортови „Пеликан екстрем“, колку членови има и какви подготовки треба да се поминат за да се стане член или вљубеник во летањето со параглајдер?
– Клубот е формиран во 2014 година. Освен мене, како основачи да ги споменам и Илија Петрушев, Кирил Паунков, Коста Трајковски, Ѓорги Стамков, Васил Кочев, Миле Китански. Потоа ни се придружи Мирче Ќорнаков, за жал, сега покоен. Најголем број членови имавме во 2017 година, дури 19-мина пилоти. Имаме членови од Тремник, Куклиш, Негорци, Гевгелија, Богданци, Богородица и од Стојаково. Клубот има и своја школа, со свој инструктор за обука. За да се стане пилот на параглајдер, треба да се помине обука со инструктор, а потоа, на крајот од обуката, се полагаат испити. Потоа се врши специјален здравствен преглед и се доставува целата документација до Агенцијата за цивилно воздухопловство, од каде што се добива сертификат за пилот на параглајдер, валиден во целиот свет.
*За сите овие години, колку полетишта успеавте да направите во гевгелиско-валандовско-дојранскиот крај?
– Морам да напоменам дека со голем ентузијазам на нашите членови, изминатиов период успеавме да направиме дури пет полетишта, и тоа: Стајка кај селото Серменин, Голаш кај Валандовско Брдо, Татарлијска Чука во Валандово, Мала Боска кај Дојран и Стојачка Чука кај населеното место Стојаково.
*Со кои меѓународни учества на параглајдерски настани, награди, претставување може да се пофали овој клуб?
– Клубот има учествувано на државни натпревари во прецизно слетување, како на регионалните во Албанија и Грција така и на светскиот шампионат во Турција. Имаме освоено едно петто, едно четврто и едно второ место со Кристиан Стамков, во прецизно слетување. Кристиан во 2019 година беше избран во државната селекција и учествуваше на Светскиот куп во прецизно слетување што се одржа во Алања, Република Турција. Од 147 пилоти, тој го освои одличното 12. место. Нашиот клуб успешно учествува во македонската лига во прелет и е активен член на Македонската воздухопловна федерација. Повеќемина наши членови се стекнаа со сертификати за летање, а Кристиан го положи и испитот за комерцијални тандем- летови.
*Колку опасен спорт е, а, од друга страна, кои се придобивките за здравјето на луѓето?
– Параглајдерството претставува летачки спорт и е еден од помладите екстремни спортови во Македонија. За разлика од падобранството, каде што се изведува скок од авион, со параглајдерот се полетува од планина или од некоја стрмнина. Летот со параглајдер може да трае 15 минути, но ако е пилотот искусен и има познавање, летот може да трае и многу подолго, односно со часови. Параглајдерството е безбеден и многу здрав спорт, овозможува и физичка кондиција, но и ментален тренинг, кој е потребен кога се донесуваат одлуки таму, горе, на височини од 1.800 или 2.500 метри надморска височина. Опремата која ја користиме, е висококвалитетна и многу прецизна. Taa се состои од крило, односно параглајдер, вез со кој се закачува параглајдеристот, кацига, резервен падобран и инструменти како што е ГПС-локаторот кој служи за навигација, радио за комуникација и вариометар со кој се мери промената на притисокот на воздухот. Платната од кои се изработени крилата се ткаени во нанотехнологија. Никогаш досега се нема случено инцидент поради некој технички проблем. Во сите несреќи случени кај нас, човечкиот фактор е единствената причина. Неодговорност, паника, преголемо кочење, преголемо опуштање и слично. Во суштина, овој спорт е за здрави, ментално одговорни и физички стабилни луѓе. Нема старосна граница за летање, неа ја одредуваат самите пилоти, кои се свесни за своите способност.
*Каква е заинтересираност за овој спорт во регионот?
– Сите овие години, активно лобиравме кај градоначалниците на општините на чија територија се регистрираните полетиштата, но, исто така, вршевме и промоција на параглајдерството. За таа намена, се организираше едукативен карван, воден од претседателот на клубот, со посета на девет основни и средни училишта во регионот. Карванот го посетија вкупно 290 ученици од основните и од средните училишта во Стојаково, Богданци, Валандово, Јосифово и во Гевгелија. Да не заборавам да споменам дека клубот организираше и еден настан од државен карактер, наречен „Кожуф параглајдинг истражување“, на кој учествуваа елитните инструктори, државниот селектор Миле Јовановски и мастер- инструкторот Мендо Вељановски. За жал, по завршувањето на едукативниот карван изминатата пролет, може да заклучам дека нашата младина е некако незаинтересирана, малку мрзлива и заробена во виртуелниот свет на смарт- технологијата. Само тројца од 290 ученици ми поставија конструктивни прашања, и тоа колку чини школата за пилоти, колку чини опремата и за колку време може да се научи да се лета со параглајдер.
*Ги задоволува ли планината Кожуф условите за параглајдерство?
– Уште како! Ако се проследи краткото видео од „Кожуф параглајдинг истражување“, во кое се поместени и кратките интервјуа со државниот селектор Јовановски и со мастер-инструкторот Вељановски, нивните искуства од првите летови кажуваат дека е огромен капацитетот на полетиштето Стајка кај Серменин и дека се големи можностите што може да им ги понуди тоа на Општината и на граѓаните како добивка од алтернативниот туризам, во кој спаѓа и параглајдерството. Двајцата потенцираа дека покрај Крушево, и Гевгелија со планината Кожуф може да биде вистински магнет за домашните, но и за светските параглајдеристи.
*Дали има Македонија добри терени за летање со параглајдер и дали овој спорт привлекува туристи во државава?
– Имајќи ја предвид географската позиција на Македонија, ние сме вистинска мека за параглајдерството во светот. Не залудно имаме европски и светски прваци како Мартин Јовановски, Борјан Јовановски, Златко Спиркоски и цела државна екипа со Дарко, Адам, Христијан и со уште многу други, кои се искачија на меѓународните пиедестали на разни натпревари. Крушево досега се има закитено со 20 светски првенства, 18 европски и безброј регионални, а и со многу национални првенства што ги одржуваат во него поради идеалните услови. А, одговорно тврдам дека и Гевгелија може да го направи сето тоа, само треба да се има осет. Колку за споредба, Крушево лани регистрираше 65.000 ноќевања од алтернативниот туризам, преку параглајдерството.
*Со кои предизвици се соочуваш како претседател на параглајдерски клуб?
– Јас, како претседател, и понатаму останувам на целите што ги имаме како клуб: овие полетишта да станат познати, да привлекуваат странски пилоти, но и да се разбуди желбата кај младите да спортуваат. Од друга страна, постојано ги потсетувам и ќе ги потсетувам актуелните, но и идни градоначалници дека петте полетишта што ги имаме во овој крај, и тоа со добиени сертификати, чекаат на нивните иницијативи.
Чекаат некој од локалната власт да поведе постапка за нивно урбанизирање и уредување, што ќе биде предуслов за организирање натпревари, тандем-летови и на крајот, за заживување на алтернативниот туризам, гранка што станува од ден на ден доста доходовна. Може ќе звучам песимистички, но тоа е вистината. Од формирањето на клубот „Пеликан“ до денешен ден, во Општина Гевгелија се сменија тројца градоначалници, а полетиштето Стајка е на почетната позиција, таму каде што беше пред 2014 година. Се немаат слух и визија за развој на Гевгелија преку параглајдерството, кое на други локации носи само профит. Визија имаме, но ни треба поддршка. Се надевам дека доаѓа период што ќе донесе поголем слух за развој на овој екстремен спорт во Гевгелија, Богданци, Валандово и во Дојран.
(Љ.А.)