Програмата на Саемот на книгата 2026 што ќе се одржува од 23 до 29 април во арената „Борис Трајковски“ се состои од три дела, и тоа програма во промотивниот центар, програма на штандовите на издавачите и детска програма или вкупно 130 активности. Но, со оглед дека некои од издавачите сè уште ги немаат затворено своите програми, се очекува бројот на програмски активности да надмине 150, посочи извршниот директор на Саемот на книгата, Даниела Глигоровска
Под слоганот „Отвори прозорец кон нови светови“, годинашниов Саем на книгата ќе се одржи од 23 до 29 април, во арената „Борис Трајковски“ во Скопје, со учество на над 65 издавачи и со над 150 настани. Како што истакна извршниот директор, Даниела Глигоровска, на вчерашната прес- конференција, саемот ќе биде отворен за љубителите на книгата секој ден од 10:00 часот наутро до 20:00 часот навечер.
– Моќта на книгите е во тоа што секогаш може да нè воведат во нови авантури, а арената „Борис Трајковски“ годинава е преполна со издавачи. Сите големи домашни издавачки куќи се присутни на Саемот на книгата. Од странското учество, може да го издвоиме она на Министерството за култура на Република Србија, кое има свој посебен штанд и на него ќе бидат претставени повеќе од 35 издавачки куќи од Србија. Она што треба да го споменеме е дека годинава некои од издавачите прават јубилеи. Македонската асоцијација на издавачи слави 10-годишен јубилеј и го организира „Фелоушипот“, во рамките на Саемот на книгата 2026. Издавачката куќа „Арс ламина“, пак, прославува јубилеј од 20 години – кажа Глигоровска.
Таа додава дека програмата годинава се состои од три дела, и тоа програма во промотивниот центар, програма на штандовите на издавачите и детска програма или вкупно 130 активности. Но, со оглед дека некои од издавачите сè уште ги немаат затворено своите програми, се очекува бројот на програмски активности да надмине 150.
Официјалното отворање, пак, ќе биде в четврток во 13:00 часот, а најавено е присуство на градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, како и на претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, која е и официјален почесен гостин и која ќе го прогласи саемот за отворен.
– Сите активности што се спроведуваат за Саемот на книгата се во насока да се зголеми посетеноста, но не само тоа, туку преку саемот да се влијае најмногу на младите. Она што е наша цел е да се соочат со читањето, со книгата. Како организатори, но и како издавачи, целта ни е да внесеме поинакви содржини во програмскиот дел. Така, оваа година, во текот на викендот, во програмата се предвидени активности во врска со врсничкото насилство, со вклучени психолози и социолози. Истите тие активности се потврдени и на некои од штандовите, на пример, издавачкиот центар „Три“ има таков вид активности. Тоа се актуелни теми, кои се обидуваме да ги внесеме, бидејќи посетеноста е голема и едукацијата истовремено треба да биде насочена кон младите. Програмата годинава е навистина импресивна – додава Глигоровска.
Сања Кондарко, оперативен директор на Саемот на книгата, истакна дека има програма за сите генерации.
– Досега се најавени вкупно 30 промоции. Всушност, седумте саемски дена ќе бидат денови на можност за дружење на издавачите, писателите и на читателите. Една одлична можност за интеракција, дружење, потпишување книги, дискусии на одредени теми на штандовите кај издавачите, кои се случуваат и во промотивниот центар. Гостуваат речиси сите актуелно значајни македонски писатели на штандовите. Би го истакнала и гостувањето на странските издавачи, на странските гости, интересни странски имиња. Седумте дена се наменети конкретно за дружба со авторите. За најмладите имаме викенд-програма: едукативни, забавни активности, креативни работилници, парада на книжевноста, забава со аниматори, сето тоа ќе се случува и на платото пред арената и меѓу штандовите. Тоа ќе може викендов, заедно со децата, да поминат квалитетно време со добра книга – додава Кондарко.
Бојан Саздов, претседател на Македонската асоцијација на издавачи, пак, се осврна на фелоушип-програмата.
– Веќе подолго време сме дел од организацијата на овој саем, како соработници, меѓутоа во последните три години, вклучително и оваа, МАИ ја организира фелоушип- програмата во рамките на Саемот на книгата. Тоа е со цел да го оспособиме саемот да биде по теркот на сите светски саеми и да добие една меѓународна и професионална димензија. Во неа, не само што ќе има издавачи што изложуваат туку ќе има и странски издавачи, кои ќе може да работат и да бидат дел од една професионална програма што ќе ја унапреди нивната работа.
Вториот аспект на оваа фелоушип-програма е вмрежувањето, односно канењето гости од странство, кои ќе се запознаат со нашата држава подетално, со нашата состојба во издаваштвото, со издавачите и со авторите. Најголемата цел ни е да работиме на афирмацијата, односно на извозот на нашата книжевност надвор. Тоа е нешто на кое веќе работиме – посочи Саздов.
Тој додаде дека во рамките на програмата ќе се одржат низа средби и состаноци со издавачите, но ќе има и панел- дискусија в петок, 24 април, каде што ќе се зборува за македонската книжевност, перспективите и за односите. Исто така, за в петок е предвидено и доделувањето на наградите на МАИ, како признание за најуспешните и најквалитетни изданија во периодот меѓу два саеми. В петок ќе бидат свечено доделени наградите на Македонската асоцијација на издавачи (МАИ). За тој ден е предвидена и промоција на „Македонски етимолошки речник“, том 1, во организација на Институтот за македонски јазик Крсте Мисирков – Скопје. Институтот за национална историја, Скопје, пак, организира промоција на „Политика на тутунскиот производство во вардарскиот дел на Македонија во меѓувоениот период – документи“ од Вера Гошева…
Се очекува и годинава ЈСП – Скопје да има специјална линија за посетителите на Саемот на книгата, кој, традиционално, е поддржан од Министерството за култура и туризам. (Д. Т.)












