Американскиот претседател Доналд Трамп го одобрил предлог-законот за санкции против Русија, кој предвидува воведување царини од 500 проценти за увоз на стоки од земји што купуваат нафта, нафтени деривати или ураниум од Москва. Одобрението сега ја отвора патеката за натамошна законска постапка, соопшти американскиот сенатор Линдзи Греам, пренесува „Фокс њуз“.
Според Греам, мерката има цел да го намали финансирањето на руската воена машинерија преку приходите од извоз на енергенси и да ги одврати земјите како Кина, Индија и Бразил од заобиколување на американските санкции. Сенаторот додава дека гласањето за законот може да се одржи уште следната недела и дека очекува силна поддршка од двете партии – републиканците и демократите.
Американските медиуми посочуваат дека, и покрај планираното гласање, законот сè уште е предмет на можни измени и може да наиде на отпор во Конгресот. Одлуката доаѓа во време на ескалација на односите меѓу Вашингтон и Москва, откако американските сили завчера запленија танкер под руско знаме поради наводно кршење на санкциите.
Оваа мерка се смета за еден од најстрогите чекори на САД кон ограничување на руските приходи од енергетскиот извоз и ги потенцира напорите на Вашингтон за зајакнување на притисокот врз Москва.












