Соединетите американски држави ќе воведат 100 проценти царина на сите филмови направени надвор од земјата, објави денес американскиот претседател Доналд Трамп во објава на социјалната мрежа Truth Social.
„Нашата филмска индустрија е киднапирана од други земји, исто како што крадат бомбони од деца. Калифорнија, со својот слаб и некомпетентен гувернер, е особено силно погодена! Затоа, за да го решам овој долгогодишен и бесконечен проблем, ќе воведам 100 проценти царина на сите филмови направени надвор од Соединетите Американски Држави. Ви благодарам за вашето внимание. ДА ЈА НАПРАВИМЕ АМЕРИКА ПОВТОРНО ГОЛЕМА! Претседател на „Медиуми и технологија Трамп“ (DJT)“, објави тој.
Како што објави „Ројтерс“, Трамп се закани дека ќе воведе такви тарифи во мај, но понуди малку детали, што доведе до забуна кај лидерите во индустријата за забава.
Акциите на „Нетфликс“ и „Варнер Брос дискавери“ Warner паднаа за 1,4 проценти и 0,6 проценти, соодветно, во претпазарното тргување.