Соединетите Американски Држави воведоа нови санкции против Иран, соопшти денеска американското Министерство за финансии, два дена откако американскиот претседател Доналд Трамп објави дека САД планираат директни разговори со Техеран за иранската нуклеарна програма.
Американскиот Стејт департмент стави пет ентитети и еден поединец на списокот со санкции во Иран „за поддршка на иранската нуклеарна програма“, пишува Ројтерс.
„Меѓу назначените групи се и Организацијата за атомска енергија на Иран и нејзината подружница Иранска технолошка компанија за центрифугирање“, соопшти американското Министерство за финансии.
Овој потег уследи откако Трамп во понеделникот неочекувано објави дека САД и Иран се подготвени да започнат директни разговори за нуклеарната програма на Техеран, но иранскиот министер за надворешни работи одговори дека „разговорите во Оман ќе бидат индиректни“.