Соединетите Американски Држави го зголемуваат своето воено присуство на Блискиот Исток, а Иран одржува големи поморски вежби. Ова укажува на тоа дека војна, сепак е можна, и покрај преговорите што почнаа во Оман на 6 февруари, па продолжија неделава во Женева.
Американската војска се подготвува за неколкунеделни операции против Иран доколку претседателот Доналд Трамп нареди напад. Линдзи Греам, републикански сенатор кој се смета за близок до Трамп, во понеделникот истакна дека одлуката на САД за потенцијална воена акција против Иран е „за неколку недели, а не за неколку месеци“, и дополнително го провоцираше Техеран велејќи дека би било „стратешка победа“ за Исламската република ако нејзиниот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи, не биде соборен во услови на сегашната криза.
Според репортерите на Си-ен-ен, американската војска ја преместува опремата стационирана во Велика Британија, на Блискиот Исток. Вклучени се борбени авиони, танкери и системи за противвоздушна одбрана. Неколку воени единици веќе се во регионот и планирана е ротација во наредните недели. Во петокот вечерта, голем број борбени авиони добија дипломатска дозвола за влез во јорданскиот воздушен простор, а сателитските снимки покажаа дека 12 американски борбени авиони Ф-15 се стационирани таму од 25 јануари. Исто така, во последните недели, десетици американски транспортни авиони беа распоредени за испорака на опрема во Јордан, Бахреин и Саудиска Арабија. Медиумите, повикувајќи се на одбранбени аналитичари, јавуваат дека во ретко видена демонстрација на воена моќ, приближно една третина од активната американска морнарица е моментално распоредена на Блискиот Исток и е подготвена за можни операции против Иран. Флотилата вклучува две ударни групи на носачи на авиони, 15 разорувачи и непознат број подморници. Тешки транспортни авиони и танкери за полнење гориво наводно го поминале Медитеранот и се движат кон позиции на Блискиот Исток. Ова распоредување потсетува на силите што беа собрани на Карибите пред САД да почнат операција против венецуелскиот лидер Николас Мадуро.
Но, и Иран не е пасивен. Во понеделникот, новинската агенција „Тасним“ објави дека Иранската револуционерна гарда, која е столб на режимот, почнала воена вежба во Ормутскиот Теснец, Персискиот Залив и Оманскиот Залив, морски патишта кои се од клучно значење за меѓународната трговија, зашто низ нив минуваат околу 20 проценти од светската нафта. Сепак, иранскиот режим никогаш не бил во потешка ситуација. Неговите посредници, од Хезболах до режимот на Асад во Сирија, во голема мера се поразени, а Израел им нанесе сериозен удар на ракетните сили на Иран за време на 12-дневниот конфликт во јуни 2025 година. Снемува вода низ целата земја, економијата е во постојан пад, а сè повеќе Иранци гладуваат, особено членовите на она што некогаш беше средна и горна средна класа.
И покрај сево ова, не е јасно дали САД можат да го соборат режимот на ајатолахот, зашто немаат доволно копнени сили на Блискиот Исток за да го освојат Иран. Затоа, успехот е можен само ако нивните воздушни и ракетни напади предизвикаат нови масовни протести и темелно го поткопаат целиот ирански државен апарат.










