
Новата стратегија за национална безбедност на САД драматично го менува својот став кон Европа и повикува на посилен отпор кон сегашните политики на ЕУ, објави „Фајненшл тајмс“.
Новата стратегија за национална безбедност на САД тврди дека Европа е на патот на „цивилизациско истребување“ поради високата миграција и ниската стапка на наталитет и ги обвинува европските влади за поткопување на демократијата.
Документот ги повикува европските лидери да ги „блокираат американските напори“ за завршување на војната во Украина и да го игнорираат „огромното европско мнозинство кое сака мир“.
Во текстот се наведува дека е неопходен „брз прекин на непријателствата“ „за стабилизирање на европските економии, спречување на ескалација или ширење на војната и враќање на стратешката стабилност со Русија“.
Стратегијата беше објавена денес, паралелно со новиот обид на американскиот претседател Доналд Трамп да протурка мировен договор за Украина, за кој Киев и европските престолнини веруваат дека е во корист на Русија и нејзиниот претседател Владимир Путин.
„Фајненшл тајмс“ пишува дека документот предизвикал нервоза во европските престолнини поради загриженоста дека Вашингтон е подготвен да го принуди Киев да направи отстапки за долгогодишните црвени линии.
Стратегијата од 33 страници потврдува радикална промена во надворешната политика на САД под водство на Трамп и ја поставува доминацијата на САД над Западната хемисфера – во ажурирана верзија на Монроовата доктрина – како главна цел.
„Деновите кога САД го носеа целиот светски поредок на грб како Атлас се завршени“, се наведува во документот.
Стратегијата го истакнува растечкиот идеолошки јаз меѓу Вашингтон и традиционалните европски сојузници и ја опишува Европа како континент каде што „економскиот пад е засенет од уште посериозна закана – цивилизациски пад“.
Во директен предизвик кон Европската Унија, САД, пишува „Фајненшл тајмс“, повикуваат на „негување на отпор кон сегашната европска траекторија во рамките на европските нации“.
Документот го фали растечкото политичко влијание на евроскептичните екстремно десничарски партии чие доаѓање на власт во европските држави би можело да ја доведе во прашање иднината на ЕУ.
„Американската дипломатија треба да ја брани вистинската демократија, слободата на изразување и нескриеното славење на националните идентитети“, се наведува во стратегијата. „САД ги охрабруваат своите политички сојузници во Европа да го поддржат ова оживување на духот, а растечкото влијание на патриотските европски партии дава причина за оптимизам“, се наведува во документот.
По стратегијата ќе следи преглед на одбранбената позиција на САД следната година, кој треба конкретно да ги распредели американските воени ресурси според новите приоритети.











