Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп се закани со широк спектар на контрамерки против давателите на услуги од ЕУ, вклучително и можни тарифи или ограничувања, доколку компаниите продолжат со она што USTR го нарече „дискриминаторски“ практики, пренесе „Хина“.
Канцеларијата на трговскиот претставник на САД (USTR) во објава на X ја обвини ЕУ и некои од нејзините земји-членки за „дискриминаторски и вознемирувачки тужби, даноци, казни и директиви против американските услуги“, додека вели дека давателите на услуги од ЕУ „работат слободно“ во САД, наведувајќи ги Accenture, DHL, Siemens и Spotify, меѓу другите.
„Доколку ЕУ и нејзините земји-членки инсистираат на продолжување на ограничувањето и спречувањето на конкурентноста на американските даватели на услуги преку дискриминаторски средства, САД нема да имаат друг избор освен да почнат да ги користат сите алатки што им се на располагање за да се спротивстават на овие неразумни мерки“, напиша USTR.
Заканата доаѓа откако регулаторите на ЕУ му наметнаа казна на платформата за социјални медиуми на Елон Маск, „Икс“, претходно овој месец.
„Доколку се потребни контрамерки, американскиот закон дозволува, меѓу другото, проценка на надоместоци или ограничувања за странски услуги“, се вели во соопштението на USTR.
Европската комисија ја казни платформата „Икс“ со 120 милиони евра (130 милиони долари) за кршење на правилата за транспарентност според Законот за дигитални услуги. Два дена подоцна, социјалната мрежа ја суспендираше рекламната сметка на Европската комисија, а сопственикот Илон Маск ја спореди ЕУ со нацистичка Германија.
ЕУ соопшти дека казната е изречена затоа што платформата ги довела во заблуда корисниците, ги криела податоците од истражувачите и не успеала транспарентно да ги документира рекламите. Трамп претходно ја критикуваше казната изречена за платформата „Икс“ од страна на технолошките регулатори на ЕУ. „Европа се движи во погрешна насока“, рече тој.












