Министерството за финансии на САД денес објави дека воведе санкции врз членовите на мексиканското семејство Хиса, за кое рече дека ја користело нивната широка мрежа на казина и ресторани како параван за перење пари за нарко-картелот Синалоа.
Санкциите беа воведени во координација со мексиканската влада, против шест члена на семејството Хиса и уште едно лице, заедно со нивните бизниси во Мексико, Канада и Полска, објави „Ројтерс“.
Министерството за финансии на САД, исто така, презеде чекори за отстранување на наводните мексикански филијали на казина од финансискиот систем на САД.
Семејството Хиса, по потекло од Албанија, претходно јавно негираше врски со организираниот криминал.
„Соединетите Американски Држави и Мексико работат заедно во борбата против перењето пари во мексиканскиот сектор за обложување. Нашата порака до оние кои ги поддржуваат картелите е јасна – ќе бидете повикани на одговорност“, рече потсекретарот за финансии на САД, Џон К. Харли.
Американските власти тврдат дека Луфтар Хиса, со седиште помеѓу Мексико и Канада, соработувал со неименувано лице во САД за да префрли големи количини готовина од Мексико во САД, заедно со неговите роднини.
Објавата на Министерството за финансии доаѓа еден ден откако мексиканските власти соопштија дека затвориле 13 казина поради наводно водење шеми за перење милиони долари во странство.












