Американскиот претседател Доналд Трамп денес изјави дека САД ќе продолжат со тестирањето на нуклеарно оружје по тридецениска пауза и дека „поради програмите за тестирање на други земји“, тој му наредил на Министерството за војна да започне со тестирање на американското нуклеарно оружје „на рамноправна основа“.
Во објава на платформата Truth social, непосредно пред средбата еден на еден со кинескиот претседател Си Џинпинг во Бусан, Јужна Кореја, Трамп рече дека „овој процес ќе започне веднаш“, без да прецизира каков вид тестирање на нуклеарно оружје ќе се спроведе.
Трамп истакна дека САД имаат повеќе нуклеарни боеви глави од која било друга земја, откако ја презеде заслугата за „целосно ажурирање и реновирање на нашиот постоечки арсенал“ за време на неговиот прв мандат. Тој рече дека Русија има втор најголем број нуклеарни боеви глави во светот, а дека Кина е „далечно трета, но ќе биде изедначена во рок од пет години“.
„Поради огромната деструктивна моќ (на нуклеарното оружје), мразев да го направам тоа, но немав избор“, рече Трамп. Рускиот претседател Владимир Путин вчера објави дека земјата успешно тестирала нуклеарно погонско подводно беспилотно летало торпедо „Посејдон“, кое има моќ поголема од интерконтиненталната балистичка ракета „Сармат“.












