
Министерството за правда на САД објави ново обвинение против венецуелскиот претседател Николас Мадуро, а овој пат во него се и неговата сопруга и син. Американскиот претседател Доналд Трамп тврди дека неговиот венецуелски колега Николас Мадуро е на пат кон Њујорк, каде што ќе се соочи со сериозни обвиненија за „наркотероризам“.
Во обвинението се тврди дека Мадуро и неговите сојузници ги претвориле венецуелските институции во жариште на корупција во трговијата со дрога, сè за своја корист. Според обвинението на Министерството за правда на САД, венецуелската државна елита со децении е вклучена во масовна трговија со дрога.
Таа корупција „ги полни џебовите на венецуелските функционери и нивните семејства, а истовремено им користи на насилните наркотерористи кои дејствуваат неказнето на венецуелска почва и кои помагаат во производство, заштита и транспорт на тони кокаин во Соединетите Држави“, се вели во документот.
„Повеќе од 25 години, венецуелските лидери ги злоупотребуваа своите позиции на јавна доверба и ги корумпираа некогаш легитимните институции за да увезат тони кокаин во Соединетите Американски Држави“, се наведува во обвинението.
„Николас Мадуро Морос, обвинетиот, е на чело на оваа корупција и се здружи со своите соучесници за да ја искористи својата нелегално стекната моќ и институциите што ги корумпираше за да транспортира илјадници тони кокаин во Соединетите Американски Држави“, се наведува во обвинението.
Американското судство го обвини претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, дека е на чело на нарко-држава која организирала и шверцувала огромни количини кокаин во Соединетите Американски Држави повеќе од 25 години. Општо обвинение во федералниот суд во Њујорк тврди дека Мадуро ги користел сите нивоа на државна моќ за да ја заштити трговијата со дрога и да соработува со најопасните нарко-картели и терористички групи во Латинска Америка.
Неговата сопруга, Силија Флорес, е обвинета за примање мито и учество во организирање на шверц, додека нивниот син, Николас Мадуро Гера, се тврди дека бил директно вклучен во испраќање пратки со кокаин, вклучувајќи планови за шверц на дрогата во Њујорк и Мајами.
Канцеларијата на американскиот обвинител ги обвини Мадуро и другите обвинети за наркотероризам, заговор за увоз на кокаин во САД и поседување тешко оружје, вклучувајќи митралези и експлозивни направи. Обвинението, исто така, бара заплена на средства стекнати преку трговија со дрога и оружје, и тврди дека обвинетите дејствувале како организирана криминална структура во самата земја.
САД со години не го признаваат Мадуро како легитимен претседател на Венецуела, а ова обвинение дополнително ја продлабочува меѓународната изолација на неговата влада. Американските власти велат дека ќе продолжат да ги гонат сите одговорни, без оглед на нивната политичка функција.











