Малку е веројатно дека актуелниот олимписки шампион во кошарка, селекцијата на САД, нема да настапи без најдобрите на наредната Олимпијада во Лос Анџелес ако се знае дека токму тие ЛОИ ги игра на своја територија, па, веројатно, најубавото чувство за освојување злато е пред своја публика. Но, четирикратниот МВП на НБА и репрезентативец на САД, Леброн Џејмс, објави дека нема да игра на претстојните Олимписки игри во Лос Анџелес.
- Веќе го знаете мојот одговор: ќе ги гледам – рече 40-годишниот Џејмс во поткастот „Mind the Game“, објави ЕСПН.
Но, оваа негова изјава не дава голема сигурност за тоа, бидејќи и во минатото големите НБА- ѕвезди мораа да лижат каде што имаа плукнато, односно во последен момент решија да им помогнат на репрезентативните колеги.
Инаку, Џејмс освои златни медали со тимот на САД на Олимписките игри во Париз, Лондон и во Пекинг, како и бронзен медал на Олимписките игри во Атина. Двократниот МВП на НБА и сонародник на Џејмс, Стеф Кари, исто така се појави во истата епизода од поткастот, велејќи дека има големи сомнежи за своето учество на Олимписките игри во Лос Анџелес.
- Со Божја помош, ако сè уште имам избор каде би можел да влијаам во тимот. Никогаш не вели никогаш, но се сомневам дека ќе бидам дел од тимот. Многу се сомневам во тоа – порача 37-годишниот Кари, кој освои злато на минатите Олимписки игри.
Џејмс и Кари го освоија златниот медал заедно на Олимписките игри во Париз, каде што тимот на САД ја победи Србија во полуфиналето и Франција во финалето.
Кошаркарот на Лос Анџелес лејкерс рече дека тој и плејмејкерот на Голден стејт не може да го надминат успехот што го постигнаа на Олимписките игри во Париз.
- Не можеме да го надминеме она што го направивме. Како ќе ги надминеме тие последни два натпревари? – рече Џејмс, кој како да се задоволи со огромниот успех што го постигна во репрезентативниот дрес.
Олимписките игри во Лос Анџелес се закажани од 14 до 30 јули 2028 година.











