САД нудат 2.500 долари за тинејџери мигранти кои доброволно ќе одлучат да се вратат во матичните земји

29
Фото:википедија

Владата на САД планира да понуди 2.500 долари парична помош за тинејџери мигранти кои доброволно ќе одлучат да се вратат во своите матични земји, според внатрешен документ на федералната администрација што го виде „Си-би-ес-њуз“ пренесува „Танјуг“.

Во известувањето испратено во петок од Министерството за здравство и човечки услуги, беше наведено дека Министерството за внатрешна безбедност на САД ќе обезбеди еднократна помош „за целите на реинтеграција“ на непридружени мигранти над 14 години кои ќе одлучат доброволно да се вратат во својата земја на потекло.

Оваа понуда се однесува исклучиво на малолетници кои се под надлежност на Канцеларијата за бегалци при Министерството за здравство, која е законски обврзана да ги смести во засолништа, згрижувачки семејства и други институции додека не наполнат 18 години или не им се најде соодветен старател.

Децата од Мексико не се вклучени во оваа мерка.

Според американските власти, повеќето малолетници кои ја преминале границата сами доаѓаат од Централна Америка и се без родители или законски старатели.

Доброволното враќање е посебна законска постапка што мора да биде одобрена од судија за имиграција, а помошта од 2.500 долари се исплаќа дури откако барањето ќе биде одобрено и детето ќе пристигне во неговата земја.

Службата за имиграција и царина (ICE) вели дека програмата првично ќе им биде понудена на 17-годишници, нагласувајќи дека им дава можност да изберат и да донесат „информирани одлуки за сопствената иднина“.

Мерката е дел од пошироката стратегија на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, насочена кон намалување на бројот на мигранти во САД, и преку присилни и доброволни депортации, објаснува „Си-би-ес“.

ИЗДВОЕНИ