Поранешната прва дама Мишел Обама во интервју објавено на нејзиниот YouTube канал изјави дека земјата сè уште не е подготвена за жена претседател, додавајќи дека Соединетите Американски Држави сè уште имаат долг пат пред себе.
„Како што видовме на последните избори, за жал, не сме подготвени. Затоа велам, не ни помислувајте да ме прашате да се кандидирам, бидејќи не ја кажувате вистината. Не сте подготвени за жена. Не сте“, рече таа, пренесе NBC News. Изјавата на Обама дојде за време на интервјуто на 5 ноември во Бруклинската академија за музика, како дел од нејзиниот подкаст.
Таа разговараше со актерката Трејси Елис Рос, а тие се осврнаа и на новата книга на Обама, „Погледот“.
Рос ја праша Обама дали верува дека улогата на првата дама, како „архетип на сопруга и женственост“, влијаела на тоа колку простор општеството ѝ дало на жената да стане претседател.
„Знаете, сè уште имаме многу да растеме и за жал, сè уште има многу мажи кои не мислат дека можат да се справат со тоа што ги води жена и тоа го видовме“, рече Мишел Обама.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, ја победи поранешната потпретседателка Камала Харис на претседателските избори во 2024 година.
Обама ја поддржа Харис за време на кампањата во 2024 година, собирајќи големи маси народ на митинзите, залагајќи се за здравствена заштита на жените и повикувајќи ги мажите да гласаат за Харис.
Поранешната прва дама постојано се соочуваше со шпекулации и повици да се кандидира за претседател, но постојано повторуваше дека не сака да се кандидира за Белата куќа, пренесуваат агенциите.












