Американскиот претседател, Доналд Трамп, објави дека републиканците во Конгресот подготвуваат закон со кој ќе се воведат санкции врз сите земји што соработуваат со Русија. Трамп додаде дека новите мерки би можеле да се применат и на Иран, клучниот воен сојузник на Москва, пишува „Киев индепендент“.
– Секоја земја што соработува со Русија ќе биде многу строго санкционирана, изјави Трамп.
Претстојното законодавство се темели на низа мерки преземени од администрацијата на Трамп во последните месеци. Во октомври беа објавени првите санкции против Москва, насочени кон двете најголеми руски нафтени компании – Роснефт и Лукоил – заедно со нивните подружници. Сепак, Министерството за финансии на САД неодамна ги одложи санкциите против Лукоил, кои првично требаше да стапат на сила на 21 ноември, за да ѝ се даде време на компанијата да ги продаде странските средства.
Порано оваа година, Вашингтон воведе и царини од 50% за стоки од Индија, еден од најголемите увозници на руска нафта. Како причина се наведува упорноста на Њу Делхи во купувањето и покрај предупредувањата дека би можеле да следуваат секундарни санкции ако Москва не покаже напредок во мировните напори во Украина.
Иако Трамп не понуди дополнителни детали за законот што се подготвува, тој рече дека Иран, веројатно, ќе биде меѓу целите. Од почетокот на руската инвазија на Украина, Иран се профилираше како клучен сојузник на Кремљ, снабдувајќи ги воените напори на Москва со оружје и со воена опрема.









![[Интервју] Нина Деан: Силните женски улоги се ретки, публиката заслужува нови лица](https://www.vecer.press/wp-content/uploads/2025/11/prva-4-100x70.jpg)


