Соединетите Американски Држави ја продолжија националната вонредна состојба во однос на Западен Балкан, која беше прогласена во 2001 година, за уште една година, почнувајќи од денеска 26 јуни.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, ја потпиша извршната наредба за продолжување на вонредната состојба на 20 мај.
Во документот објавен во Федералниот регистар на САД се наведува дека националната безбедност и надворешната политика на САД се загрозени „од дејствијата на лицата кои учествуваат, помагаат, спонзорираат и поддржуваат екстремистичко насилство во Северна Македонија и на други места во Западен Балкан, како и од попречувањето на спроведувањето на Дејтонскиот договор или кршењето на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации“.
Во текстот на Извршната наредба, исто така, се наведува дека „дестабилизирачките дејствија, корупцијата и обидите за поткопување на суверенитетот на земјите во регионот претставуваат исклучителна закана за националната безбедност и надворешната политика на САД“.
Извршната наредба со која првпат беше прогласена вонредна состојба за САД во однос на Западен Балкан беше објавена на 26 јуни 2001 година, за време на мандатот на американскиот претседател Џорџ В. Буш.
На 8 јануари, пред тогаш новоизбраниот претседател Трамп да ја преземе функцијата, претходниот американски претседател Џозеф Бајден ја потпиша Извршната наредба 14140, со која беше продолжена вонредната состојба во врска со Западен Балкан до 26 јуни оваа година.