Министерството за финансии на САД издаде лиценца за вршење трансакции со четири компании на Лукоил кои работат во Бугарија. Лиценцата е продолжена до 29 април 2026 година, според документ објавен на веб-страницата на министерството.
Лиценцата првично важеше до 21 ноември. Министерството, исто така, одобри операции што вклучуваат некои компании на Лукоил во Бугарија: Лукоил Нефтохим Бургас, Лукоил Бугарија, Лукоил Авиејшн Бугарија, Лукоил Бугарија Бункер, како и структури во кои овие компании поседуваат 50 проценти или повеќе од акциите.
Лиценцата важи и за операции со Роснефт за проектот за поле Карачаганак во Казахстан. Претходно, САД им дозволуваа само на Конзорциумот за Касписки гасовод и Тенгизчевроил да вршат операции со Лукоил и Роснефт.
Руската нафтена компанија Лукоил соопшти дека е во преговори со неколку купувачи за продажба на своите меѓународни средства.
„Лукоил објавува дека се во тек преговори за продажба на своите меѓународни средства со неколку потенцијални купувачи. Конкретен договор ќе биде објавен по постигнувањето на конечни договори и добивањето на потребните регулаторни одобренија“, се вели во соопштението.
Компанијата нагласува дека презема сите мерки за да обезбеди непречено работење на компанијата за време на процесот на продажба и пренос на средства, да спречи прекини во снабдувањето со енергија и да зачува работни места.
Гунвор во петокот објави дека ја повлекува својата понуда за купување на меѓународните средства на руската нафтена компанија Лукоил.












