САД ја нападнаа Сирија „за да ги елиминираат“ милитантите на ИСИС

141
фото:википедија

Соединетите Американски Држави ја нападнаа Сирија за да ги „елиминираат“ милитантите на Исламска држава (ИСИС) и нивните складишта со оружје, како одговор на нападот во кој неодамна загинаа двајца американски војници и еден преведувач.

Американски функционер изјави дека синоќешниот напад бил „од големи размери“ и дека погодил 70 цели во областите на централна Сирија за кои се верува дека имаат инфраструктура и оружје на ИСИС, а друг функционер потврди дека Дамаск може да очекува повеќе напади, пренесе „Бета“.

„Ова не е почеток на војна – ова е декларација за одмазда. САД, под водство на претседателот Трамп, никогаш нема да се двоумат и никогаш нема да се откажат за да го бранат својот народ“, напиша министерот за одбрана Пит Хегсет на социјалните медиуми.

Трамп вети „многу сериозна одмазда“ по пукањето во сириската пустина, за кое ја обвини ИСИС, и ја предупреди групата да не ги напаѓа американските трупи повторно.

„Сите терористи кои се доволно зли за да ги нападнат Американците се предупредени – ќе бидете погодени посилно од кога било ако нападнете или се заканите дека ќе нападнете на кој било начин сега“, напиша тој на социјалните медиуми.

Трамп нагласи дека Сирија се бори заедно со американската војска и рече дека претседателот Ахмед ал-Шара е „крајно вознемирен од овој напад“, во време кога Вашингтон ја проширува соработката со сириската војска.

Сириското Министерство за надворешни работи соопшти дека нападот од минатата недела врз американските војници „ја нагласува итната потреба од зајакнување на меѓународната соработка во борбата против тероризмот во сите негови форми“ и дека Сирија е посветена на „борбата против ИСИС и обезбедувањето дека нема безбедни засолништа на сириска територија и ќе продолжи да ги интензивира воените операции против него каде и да претставува закана“.

Сириската државна телевизија соопшти дека нападот бил насочен кон „складишта за оружје и места што ги користи ИСИС како лансирни рампи за неговите операции во регионот“ и дека ги погодил руралните области во провинциите Деир ез-Зор, Рака и Џабал ал-Амур.

ИСИС ја презеде одговорноста за два претходни напади врз сириски војници, од кои во еден загинаа четворица војници во провинцијата Идлиб.

Групата ги опиша владата и армијата под контрола на ал-Шар како отпадници.

ИЗДВОЕНИ