САД и Кина се согласија за „деескалација“ на трговските тензии

48

САД и Кина тврдат дека во принцип се согласиле за рамка за деескалација на трговските тензии меѓу двете најголеми економии во светот, јавува Би-Би-Си. Американскиот министер за трговија, Хауард Лутник, изјави дека договорот треба да доведе до укинување на ограничувањата наметнати за ретките минерали и магнетите.

Двете страни рекоа дека ќе го достават планот на одобрување до нивните претседатели, Доналд Трамп и Си Џинпинг. Соопштението дојде по дводневните разговори во Лондон меѓу лидерите од Пекинг и Вашингтон. Извозот на ретки минерали од Кина, кои се клучни за модерната технологија, беше една од главните теми на состаноците. Вашингтон и Пекинг се согласија на привремено примирје за трговските царини минатиот месец, но двете земји оттогаш се обвинуваат меѓусебно за кршење на договорот.

САД соопштија дека Кина е бавна кога станува збор за извоз на ретки земни минерали и магнети, неопходни за производство на уреди како што се паметни телефони и електрични возила. Во меѓувреме, Вашингтон го ограничи пристапот на Кина до американски стоки, како што се полупроводници и други технологии поврзани со вештачката интелигенција.

„Постигнавме рамка за спроведување на Женевскиот консензус“, изјави Лутник пред новинарите. Откако претседателот ќе го одобри, ќе се обидеме да го спроведеме“, додаде тој.

Новата рунда разговори доаѓа по телефонскиот разговор меѓу Трамп и Си минатата недела, кој американскиот претседател го опиша како „многу добар разговор“.

„Двете страни во принцип постигнаа рамка за спроведување на консензусот постигнат од двајцата шефови на држави во телефонскиот разговор на 5 јуни и консензусот постигнат на состанокот во Женева“, изјави кинескиот заменик-министер за трговија Ли Ченгганг.

Кога Трамп објави царини за увоз од бројни земји претходно оваа година, Кина беше погодена најтешко. Пекинг одговори со свои повисоки царини за увоз од Америка, што доведе до реципрочно зголемување на тарифите, кое достигна врв од 145 проценти.

Преговорите во мај во Швајцарија доведоа до привремено примирје што Трамп го нарече „тотално ресетирање“.

Американските царини за кинески производи се намалени на 30 проценти, а Пекинг ги намали царините за увоз од САД на 10 проценти и вети дека ќе ги укине ограничувањата за извоз на критични минерали. На двете страни им се дадени 90 дена да се обидат да постигнат трговски договор. Сепак, САД и Кина оттогаш меѓусебно се обвинуваа за кршење на договорот.

Американскиот трговски претставник Џејмисон Грир изјави дека Кина не ги ублажила ограничувањата за извоз на ретки земни магнети. Пекинг изјави дека прекршувањата на договорот од страна на САД вклучуваат запирање на продажбата на софтвер за дизајн на компјутерски чипови на кинески компании, предупредување против користење на чипови произведени од кинескиот технолошки гигант „Хуавеј“ и одземање на визите за кинеските студенти.

Пред разговорите оваа недела, кинеското Министерство за трговија во саботата соопшти дека одобрило некои барања за лиценци за извоз на ретки минерали, но не даде детали за тоа кои земји се вклучени. Трамп во петокот изјави дека Си се согласил да ја рестартира трговијата со ретки минерали.

ИЗДВОЕНИ